January 30, 2023 02:53
Спорт

Норис: Не ги исполнивме очекувањата, потребен ни е нов болид

Возачот на Мекларен, Британецот Ландо Норис, изјави денеска оти неговиот тим не може да биде задоволен со освоеното петто место сезонава во Формула 1.

Норис годинава го освои седмото место во генералниот пласман со 122 бодови, додека неговиот клупски колега Даниел Рикардо се најде на 11 место со 37 бодови. Мекларен, пак, во генералниот пласман на конструктори го освои петтото место со 159 бодови.

„Не ги исполнивме очекувањата од претсезоната, но во однос на тоа каде бевме по првата трка мислам дека завршивме добра работа. Ако размислувам за претсезоната и дали оваа година го направивме тоа што требаше како Мекларен? Искрено, не”, изјави Норис за официјалниот сајт на Ф1.

Норис има договор со Мекларен до 2025 година.