December 10, 2022 06:12
Свет

Норвешка ја ангажира војската да ги заштити своите платформи за гас и нафта

Норвешка ќе распореди војска за да ги заштити своите нафтени и гасни капацитети од можна саботажа откако беа нападнати два руски гасовода, кои носат гас во Европа, изјави норвешкиот премиер.

Истекувањето гас како резултат на можна саботажа откриена на гасоводите „Северен тек“ во вторникот предизвика конфузија на енергетските пазари и ја зголеми загриженоста за безбедноста.

Норвешка моментно е најголемиот европски снабдувач на гас. Има повеќе од 90 морски полиња за гас и нафта, од кои повеќето се поврзани со мрежа на гасоводи, што се протега на речиси 9.000 километри.

„Армијата ќе биде повидлива во норвешките нафтени и гасни постројки“, рече премиерот Јонас Гар Стоере на прес-конференција.

Нa нападот ќе биде одговорено заедно со нашите сојузници, рече тој. Норвешка е членка на НАТО.

На море морнарицата ќе биде ангажирана за заштита на поморските инсталации, а на копно полицијата би можела да го зголеми своето присуство на инсталациите, рече тој.

НАТО и Европската Унија ја истакнаа потребата да се заштити критичната инфраструктура и предупредија на „силен и обединет одговор“ доколку има повеќе напади.

Во понеделникот Норвешката агенција за безбедност на нафта повика на поголема внимателност поради неидентификуваните беспилотни летала видени во близина на морските платформи за гас и нафта на Норвешка предупредувајќи дека тие може да претставуваат ризик од несреќи или намерни напади.