February 2, 2023 03:02
Скопје

Нови градоначалници стари навики- скопјани се соочуваат со проблеми и неисполнети ветувања

Помина една година откако е на власт новата локална самоуправа во Град Скопје и општините, а граѓаните и понатаму се соочуваат со проблеми и неисполнети ветувања.

Скопјани не можат да бидат задоволни како функционира градот и поради расколот во односите меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа Скопје е во сообраќаен хаос, а проблемите во другите јавни претпријатија дополнително ја влошуват состојбата во градот и општините кои не се имуни на влијанието на централната градска власт.

Повеќе зеленило и велосипедски патеки, помалку бетон и ѓубре се основните барања на скопјни, независно од која општина живеат.

Тимчо Муцунски и Данела Арсовска ветуваа зголемување на зеленилото во Аеродром и Скопје, а делата покажуваат сосема спротивна состојба на терен. Иако ветуваа нешто друго, на улицата Васко Карангелески повторно се сечат високостеблести зелени дрвја.

-Пред локалните избори и Муцунски и Арсовска, но и ВМРО-ДПМНЕ и Левица ветуваа дека ќе се спротивставуваат на секоја сеча на дрва во градот и општината. Ветуваа дека ако треба и со жив штит ќе ги бранат дрвјата на улица Васко Карангелески, вели жител на Аеродром кој во петокот беше дел од протестот на Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град”  во знак на револт од  најавеното проширување на улицата Васко Карангелески.

Оттаму нагласија дека не е прифатливо проширување на улицата на четири ленти до Основното училиште „Љубен Лапе“ каде што децата ќе бидат во постојана опасност да бидат прегазени.

– Наместо да сечат треба да го завршат делот од улицата која со месеци стои нечепната. Освен училиштето,  во близина е и градинка во која преку улицата се носат деца, па нема потреба улицата да се претвора во булевар.

Жителите на Аеродром му замеруваат на градоначалникот и за тоа што од најавените 100.000 метри квадратни парковско зеленило на потегот од паркот кај последна 5-ка сè до паркот „Авион” нема ни трага ни глас.

Нема ништо ниту од ветените 3.000 нови паркинг места, велосипедски и пешачки патеки ниту  улици. Годината заврши нова градинка во Аеродром нема. Ни во Мичурин, ни во Острово, ни во Лисиче, ни во Долно Лисиче, иако Муцунски вети четири нови градинки во овие населби, од кои најмалку една требаше да биде пуштена во употреба до крајот на 2022 .

На градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски граѓаните најмногу му забележуваат за неколку ветени монтажни гаражи за кои сеуште нема најава за изградба.

Новата локална власт вети дека во првата година ќе започнат со изградба на монтажни катни гаражи во населба Драчево (Парк на бранители), во урбана заедница Расадник, во урбана заедница 11 Октомври (згради) и урбана заедница Цветан Димов. Дополнително, градоначалникот на Кисела вода ветуваше дека по барања на граѓаните ќе постават монтажни катни гаражи на нивна посочена локација. Недостигот на паркинг-простор и узурпираните тротоари е еден од најголемите проблеми на жителите на Кисела Вода.

Новата депонија во Даме Груев, кај Кокта им боде во очи на жителите на Ѓорче Петров, кои сметаат дека нивниот градоначалник Александар Стојкоски не направил ништо за да го тргне епитетот на една од највалкани општини во Скопје.

-Општинските комунални возила секојдневно трупаат шут на оваа локација, но според официјалните документи и извештајот од секорот за Урбанизам отпад се одлага и во поранешната депонија Врадариште. За оваа власт сосема легитимно е да се носи ѓубре и во друга општина надвор од сите законски регулативи и норми. Стојкоски освен што ја загадува нашата општина го загадува и целиот град, сметаат граѓаните.

Се поизвесно е дека нема ништо ниту од поврзувањето на населбата Даме Груев со Волково преку Стопански Двор и Ново Село, уште еден пропаднат проект на ВМРО-ДПМНЕ, а не почна со градба на две нови градинки во Урбана Заедница Ѓорче Петров и Стопански Двор.

Слично е и во другите општини, на новите раководства им се замерува на партизација, расфрлање со парите на гражаните и неисполнување на ветеното.