January 21, 2019 23:47
Економија

Новиот коп „Боров дол” – спас за радовишките рудари

На само четири километри од радовишкото село Дамјан се наоѓа новото рудно тело „Боров дол”, што значи спас за единствениот рудник за бакар и злато „Бучим”. Селото Дамјан се уште е населено, но во него живеат само повозрасни жители, а помладите се иселиле или во Радовиш или во населбата Дамјан, што се  простира покрај регионалниот пат Штип-Радовиш, во близина на клучката кај рудникот Бучим. Кога се влегува во селото Дамјан впечатиливи се старите куќи, фурни и амбари. На чешмата старици со бардаци полнат вода за домовите. Додека пак 70-годишниот Петре. Д., кој застана да ни посака добредојде во неговото село ни раскажуваше за каков живот имало во него. Забележува дека изминатата година  низ селото поминувале археолози, рударски инжињери и геолози. Откако дозна зошто новинарските екипи се во неговиот крај не испрати до крајот на селото, каде што почнува неасфалтиран пат или како што дедо Петре вели сега ќе одите по црниот пат, кој води токму до Боров Дол.

Почнаа рударските работи на Боров Дол

Четирите километри од селото Дамјан до рудното село Боров Дол се поминуваат засега само со теренски возила. Се патува во правец кон селото Брест, од она што го видовме низ прозорците земјата во овој дел речиси и да не се обработува. Возачот ни објаснува  дека веќе се доближуваме до местото, каде што ќе се градат и нови објекти за рударите, каде што ќе престојуваат, а наредната година ќе се асфалтираат и овие четири километри, кои пополека ги поминавме со теренското возило.

Пред нас е веќе Боров Дол, што се простира на територија на општините Конче, Штип и сосема мал дел на Радовиш. Машините веќе работат. Багери и камиони ја отстрануваат јаловината, под која се наоѓа рудата. За една година треба да се отстранат вкупно 13 милиони тони јаловина, а потоа да се почне и со експлоатација на рудата.

Управителот на новиот рудник „Боров Дол”, Николајчо Николов е задоволен што „Бучим” ќе продолжи да работи и по 2020 година, за што егзистенција ќе има и за над 600 рудари од овој крај. Работата на рудното тело  ќе почне меѓу април или мај 2020 година, рудата со  подвижна лента долга седум километри ќе се транспортира до постојната флотација во рудникот „Бучим”. Според планот, сопственикот на „Бучим” треба да инвестира 50 милиони евра.

-Веќе се почнати подготвителни работи имаме и склучено договор за изградба на регионален пат долг околу четири и пол километри и плус овде и во концесискиот простор. Така што овде ќе има доста активности што е и добро, бидејќи многу од градежните фирми од Република Македонија, па и од нашата околина тука ќе бидат ангажирани. Затоа што ни претстојат значителни работи, што ќе значи и финансиски средства за градежниот сектор воопшто, вели Николов.

Познатиот рударски геолог Тодор Серафимовски забележува дека почетокот на рударските работи на Боров Дол значат дека во земјава по 30 години ќе се отвори ново рудно тело, што за рударите на „Бучим” ќе значи дека ќе продолжат да работат, наместо да се стави катанец на рудникот. Николов истакна дека веќе е и порачана новата рударска опрема, што се состои во нови дампери, односно неколутонски рударски камиони, потоа рударски дупчалки и багери.

Тој забележува дека целата постапка за отварање на новото рудно тело „Боров дол” се одвиваше транспасрентно низ македонските институции, со јавни расправи во трите општини, каде што се простира новото рудно тело. Според истражувањата на новото рудно тело има рудни резерви од 48 милиони тони бакар, што ќе значи и работа на „Бучим” за наредните десет, па и повеќе години. Предвидени се и дополнителни сто вработувања. Николов забележува и дека додека не се почне со експлоатацијата на „Боров дол” веќе имаат и план да не се стопира работата на постојниот рудник до 2020 година.

-Ние во рудникот „Бучим” имаме рудни резерви моментално утврдени на три и пол милиони тони. Тоа е доволно за работа за осум месеци во 2019 година и затоа моментално таму ќе правиме дополнителни работи за експлоатација на останатата руда. Тоа ќе предизвика и дислокација на одредени објекти во рудното тело „Чуката 2″, како што е машинската работилница, бензиската станица и управната зграда на тоа рудно тело под што се наоѓа посиромашна руда. Но, ќе мораме и таа руда да ја земеме со цел да немаме застој во работата на рудникот „Бучим”, вели Николов.

Секој застој во рудниците е тежок и затоа се одлучиле и на оваа инвестиција.

Археолошки истражувања на „Боров дол”

Пред  да пристигнат првите камиони и багери на „Боров Дол” на ова место истражуваа и археолозите од штипскиот Музеј. Над 500 предмети вреден археолошки материјал е собран од локалитетот „Врчва” на тромеѓето Радовиш-Штип-Конче, во атарот на село Горна Враштица. Десеттина археолози од Заводот за заштита на споменици  и Музеј на град -Штип, и околу 150 работници  истражуваа археолошки простор од 5.000 метри квадратни. Археолошките истражувања потврдија дека рударството е стара професија во овој регион.

-Работевме од  јуни се до крајот на октомври 2017 година. За тоа време пронајдовме работи кои укажуваат на постоењето на доцноантичка рударска населба. На истражениот локалитет откривме 16 објекти со печки за метал, алати за ископ на руда, и други бројни наоди кои потврдуваат дека се работи за населба од 6-5 век пред нашата ера, монети од 2-3 век од нашата ера, а оваа населба егзистирала се до средниот век”, вели  Митко Штерјов, директор на ЗЗС и Музеј на град –Штип.

Археолозите имаа и истражување по трасата, каде што поминува лентата по која ќе се транспортира рудата и таму открија предмети, монети и керамика карактеристична од пред 8.000 години.

„Боров дол” ќе се гради според новите еколошки стандарди

Раководството на новото рудно тело на трите јавни дебати за влијанието на животната средина на кои присуствуваа жители на Штип, Конче и Радовиш, како и претставници на еколошки друштва, универзитетски професори, ветија дека новото рудно тело ќе се гради според најновите еколошки стандарди.

– Во главниот рударски проект, што е веќе изработен, се предвидува отварање на еден современ коп на бакарна руда, а со последните мерки и од животната средина, кои се применуваат во Европа, ќе биде таков рудник што ќе се гради сосема модерно и врз животната средина надвор од концесискиот простор практично нема да има никакво влијание, вели Николов.

Потенцира  дека по ископувањето на јаловината, веднаш ќе се реколтивира просторот, што досега не е правено во останатите рудници.

-Од комплексот нема да бидат испуштани води, кои не ги задоволуваат условите во постоечките сливни подрачја, да кажеме во реката Лакавица и итн. Значи ќе има пречистителна станица, постојано ќе се врши навлажнување на територијата каде е рудникот. Нема да има прашина, ќе се врши мониторинг на повеќе точки за да се знае, кога евентуално се надминати дозволените параметри и какви мерки треба да се преземат, вели Николов.

На овој простор нема да има и хидројаловиште. Јаловината ќе се допонира во постојното хидројаловиште на „Бучим”, каде што се наоѓа и флотација за преработка на рудата.

„Боров дол” го делат три општини

МИА и претходно објави дека „Боров Дол” во општина Конче зафаќа 56,75 проценти од својата вкупна локација, во општина Штип зафаќа 39,03 проценти, а во општина Радовиш скромни 4,19 проценти. Самиот рудник „Бучим” во кој ќе се пработува рудата со сто проценти е на територија на радовишка општина. Значи, овие три општини ќе имаат удел во експлоатацијата и преработката на руда, а со тоа секоја од општините ќе може да смета на финансиска корист по основ на концесии.

Related posts

Предлог буџетот за 2019 во матичната собраниска комисија, за мнозинството развоен, за опозицијата мегаломански

Filip

Оригиналните заштитни маски за Huawei Mate 20 и Mate 20 Pro пристигнаа во Македонија

Igor

ФАО: Цените на храната најниски во последните две години

Valentina