December 1, 2022 18:08
Македонија

Новиот Закон за работни односи ќе содржи и нови форми на договори за вработување и поголема заштита од злоупотреба

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во гостувањето на ТВ 24 зборуваше и за новиот Закон за работни односи, за тоа кои ќе бидат новитетите, правата и обврските на работниците и работодавачите. Притоа, таа посочи дека, со оглед на тоа дека станува збор за системски закон кој бара вклучување на сите релевантни актери, социјалните партнери, претставници на стопанска комора, Организација на работодавачи, синдикатите, како и нерепрезентативните синдикати, законот се подготвува подолг период.

Министерката истакна дека пред носењето на законот ќе се отвори широка јавна дебата и ќе бидат опфатени сите плански региони,  за да може што поголем број на работници и работодавачи бидат вклучени во давањето на коментарии предлози на на предлог текстот на законот, за да се дојде до решение кое ќе одговара на сите.

„Новиот Закон за работни односи ќе содржи и нови форми на договори за вработување.  Ковидот  со сите негативности не научи дека работата од дома и работата од далечина кои се нови форми на договори со новиот закон, а ако можат останатите ЕУ земји, може и кај нас да се применуваат. Тоа во моментот не е законски регулирано, затоа што покрај во Законот за работни односи, треба да го регулираме и во делот на Законот за  безбедност и здравје при работа,” рече Тренчевска.

Министерката информираше дека ќе има измени и во договорите на определено време.

„Ќе има измени и во договорот за вработување на определено време. Сеуште тече дијалогот меѓу работодавачите и работниците. Сегашното решение е до 5 години, и има неограничен број на можности за работодавачите, со анекси и нови договори, да го продолжуваат договорот за вработување.  Тука се најчестите  злоупотреби, особено за младите жени кои што работат, со договори на еден месец и кога ќе забременат им се прекинуваат договорите за работа,” рече Тренчевска.

Министерката информираше дека со новите законски одредби каде синдикатите предлагаат договорите на определено време да бидат на една година, а работодавачите на три, најверојатно ќе се дојде до решение да бидат на две години, период по кој нема да може да биде потпишан  анекс или нов договор. Таа ја посочи дека ќе има промени и во породилното отсуство, се воведува нов институт, татковство. Родителско отсуство, мајчинство, татковство и отсуство заради раѓање, се дел од новиот закон. Околу периодот на татковство, се размислува колку да биде, таткото со моментот на раѓање на детето ќе добива денови за да може да се вклучи во негата и грижата на детето. Целосно Законот за работни односи се усогласува со директивата на ЕУ, која се однесува на мајчинството и родителството.