November 29, 2022 04:57
Скопје

Нова водоводна линија на дел од н.м Марино и месноста Јака во општина Илинден

Локалната самоуправа и ЈКП ,,Водовод” – Илинден континуирано работи на одржување, подобрување и обнова на водоводната и канализационата мрежа на територија на општина Илинден, со цел задоволување на потребите на корисниците.

Денес екипите на ЈКП ,,Водовод” започнаа со активности за поставување на цевководот, со дијаметар Ø220 во должина од 400 метри, со кој ќе биде направено поврзување на водоводната мрежа во дел од населеното место Марино и месноста Јака со примарната водоводна линија.

Увид во градежните работи денеска направија градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и директорот на ЈКП ,,Водовод”-Илинден, Ивица Трипуновски. Градоначалникот Георгиевски истакна дека со поставување на овој цевковод ќе се обезбеди доволно количество на вода за корисниците во Марино и Јака, при што ќе биде решен долгогодишниот проблем со водоснабдувањето и недоволниот притисок.

Обезбедувањето на квалитетна вода за пиење е еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа, така што општина Илинден во соработка со ЈКП „Водовод” и во наредниот ќе продолжи со модернизација и подобрување на водоводниот систем.