Македонија

Нова „бомба“ со Мицкоски: Камчев ги подмирил сите долгови на ВМРО оставени од Груевски

Во новата снимка поврзана со случајот “Рекет” која денес се појави на Јутјуб под корисничкото име Рекет  се слуша конверзација помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, осудениот во случајот “Рекет” Зоки Милески-Кичеец и Слободанка Алексовска, поранешна директорка на Агенцијата за вработување и поранешна вработена во болницата “Систина”.

Вчера се појави првата снимка од истиот корисник на која се истите гласови, а на која Мицкоски му се жали на Кичеец дека бил сниман кога доаѓал кај Камчев, а за која лидерот на опозицијата рече дека нема ништо инкриминирачко и дека одел во Систина.

Во разговорот Мицкоски потврдува дека Орце Камчец му помогнал кога му било најтешко, кога ја преземал партијата, односно му ги подмирил долговите на партијата кои ги оставил Никола Груевски. Тој воедно додава дека во тој период биле исклучени струјата и кабелската, а парното било пред исклучување и дека Камчев бил еден од ретките кој му подал рака.

Згора на тоа, Мицкоски додава дека Камчев со зборовите “Не треба ништо” го простил и долгот кој претходното раководство на Никола Груевски го направиле кон сестрата на Камчев.

Во друг дел од разговорот Мицкоски му вели на Кичеец дека тој бил единствениот кој се борел против новиот Закон за јавно обвинителство, а со тоа се овозможува и продолжување на процесот “Империја”.

Во врска со законот Мицкоски вели: “Таму не е решена работата да знаете. Затоа што овој закон е закон што ќе помине како што ќе помине, како што мислат да помине, за јавното обвинителство тоој предмет не е завршен. Напротив! Да знаете, единствен којшто се бори во моментов сум јас” – изјавува Мицкoски.