August 19, 2022 12:32
Македонија

Николоски: Во предлогот изгласан во бугарското Собрание, не се признава македонскиот јазик

„Она што го усвои бугарскиот Парламент условите се уште полоши затоа што се додадоа и нови работи. Вкупно девет работи се додадени од страна на Бугарија во овој период од десетина дена. Она што е битно е што намерата на Османи не коинцедира со изјавите кои што ги дава. И Османи се обиде да продаде со една ситна финта дека корегирањето на две реченици во бугарската опозиција со амандман во бугарското Собрание значело дека работите се подобриле. Не, работите се исти затоа што таму е многу јасно, прво не се признава македонскиот јазик и се вели дека двете страни треба да дадат свое толкување. А, Бугарите ќе дадат толкување дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик”,истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во централниот дневник на Сител телевизија.

Николоски додаде историските личности од страна на Бугарија сите се пишуваат Бугари, а тоа Македонија ја прави како да е дрво без корен. Според Бугарите и нивното толкување на македонската историја излегува дека македонскиот народ не постои.

„Трето, се инсистира на промена на Уставот без да имаме било какви гаранции дека тоа ќе е последното барање во текот на преговорите. А, четврто барање е тоа што се става јамка околу вратот на секоја идна Влада затоа што доколку се следи т.н. протокол на спроведување на Договорот за добрососедство или да поедноставиме тоа што Бугарија сака да го види во Македонија, секоја следна Влада ќе биде блокирана во преговорите. И тоа значи дека преговорите никогаш нема да завршат, затоа што Бугарија ќе може да ги блокира”, појасни Николоски.

Тој во текот на емисијата се осврна на тоа дека Владата нема црвени линии, и дека изгласаната резолуција во македонското Собрание ја има прекршено над 10 пати.

„Владата нема црвени линии. Еве да ја потсетам јавноста дека ние усвоивме во Собранието заедничка позиција сите пратеници и тоа за македонските позиции во однос на Бугарија. Но, за жал од страна на Владата 10 пати е прекршена”, истакна Николоски.

Николоски додаде дека црвените линии на власта се теоретски, практично не се случуваат.

„Планот бил на маса, бил многу едноставен. Еве јас сега ќе го кажам и вечерва и не е некоја голема тајна. Планот бил следен, едниственото барање кое што го имале од Владата на СДСМ и ДУИ било веднаш да има меѓувладина конференција со цел да можат да создадат еуфорија во Македонија дека почнуваат преговори, а содржината на останатото не ги интересирало. И затоа Бугарите вешто го искористија да ги стават сите свои позиции. Да се создаде една еуфорија во Македонија дека почнуваат преговори и со помош на таа еуфорија во јавноста да се создаде притисок за промена на Уставот, но и јавноста да не чита што има внатре. Услов за ова да се случи било во Бугарија работата да помине за два дена. Но, во Бугарија работата не помина за два дена, туку фатија десет дена. А, во меѓувреме македонската јавност виде за што се работи и се сензибилираше, и се случија протести на граѓаните, силни реакции на експертската јавност што многу и пречеше на претставниците на власта. И поради тоа немаа никаков друг избор од власта освен во услови кога во Бугарија немаше донесена одлука, да кажат НЕ”, појасни Николоски.

Тој посочи дека не е сигурен дека тоа НЕ на власта ќе остане имајќи в предвид што гледа ден и половина откако предлогот помина во Бугарија.