March 25, 2019 21:56
Македонија

Николовски на средба со земјоделци во Валандово: Исплатени 4,4 милиони евра за субвенции на градинарски култури

Денеска во Валандово министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, одржа работна средба со земјоделците од Валандовскиот Регион. На средбата присуствуваа и посебната советничка за земјоделство, шумарство и водостопанство на премиерот, Ленче Николовска, градоначалникот на општина Валандово, Петар Костадиновски, директорот на ДИЗ, Благој Индов, заменик-директорот на АФПЗРЗ, Абдул Селам-Селами, и директорот на Управата за водостопанство при МЗШВ, Славе Арсоски, и претставници од МЗШВ.

Министерот Николовски ги информираше земјоделците со мерките од новите Програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и за идните политики на МЗШВ за развој на земјоделството. Николовски посочи дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој исплати околу 270 милиони денари или близу 4,4 милиони евра за основната субвенција за површина за градинарски култури на 11.428 земјоделци. При тоа Николовски потенцираше дека праксата за навремена исплата на субвенциите тогаш кога им се најпотребни на земјоделците ќе продолжи во следниот период, како што тоа претходно беше со исплата на субвенциите за грозјето пред почетокот на производствената сезона, за грла добиток и за житните култури.

Земјоделците побараа помош од стручната фела во форма на совети во делот на одржување на овошните насади и добивање поквалитетно производство, како и обезбедување сигурен пласман за земјоделските производи. Министерот Николовски посочи дека Факултетот за земјоделски науки и храна веќе работи на студија за изградба на откупно-дистрибутивни центри, но и дека преку мерките од новата Програма за рурален развој и од ИПАРД 2-програмата ќе се создадат можности за инвестиции во преработувачката индустрија за зеленчук и овошје, што е важно за обезбедување сигурен пласман и решавање на проблемите со вишоците на земјоделски производи.

Во однос на прашањата од земјоделците во врска со системите за наводнување во овој регион, Николовски посочи дека денеска по долго време се откочи реализацијата на Програмата за наводнување на јужната долина на река Вардар и дека денеска се потпиша договорот со изведувачот на градежните работи компанијата „Штрабаг“, за реализација на втората фаза од овој проект, којшто е од исклучително значење за продуктивноста на земјоделското производство во Валандовскиот Регион.

Николовски ги информираше земјоделците дека оваа година ќе се почне со реализација на одобрените проекти за локалните патишта, кои се важни за пристап до обработливото земјоделско земјиште. Денешната средба со земјоделците од Валандовскиот Регион е дел од серијата работни средби што изминатиов период се одржаа и во другите региони, а ваков тип на отворени средби со земјоделците се планирани и за следниот период.

Нови вести

Од утре пад на температурите за 10 степени

Filip

Заев ги повика граѓаните да го следат TB-дуелот, познат рејтингот на кандидатите за претседател

Filip

Анкета: Тесна разликата меѓу Пендаровски и Силјановска

Filip