August 8, 2022 19:17
Македонија

Николовски на министерска конференција во Берлин

На иницијатива на германската Влада во соработка со земјите членки на G7 (Група 7), во која членуваат седум држави со најнапредни економии денеска во Берлин ќе се одржи министерска конференција, на која ќе учествува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

На конференцијата, како што соопшти МЗШВ, ќе присуствуваат државниот секретар на САД, Антони Блинкен, министри  на земјите членки на групата Г 7, претставници на Групата на шампиони на Обединетите Нации (GCRG), еврокомесарот за кризен менаџмент, Јанез Ленерчиќ, еврокомесарот за земјоделство, Јануш Војчеховски, претседателот на Светска Банка, Дејвид Мелпас, министрите за земјоделство и економија од многу европски и азиски држави, како и лидери на истакнати меѓународни организации од јавниот и невладиниот сектор од областа на земјоделството и економијата.

Министерската конференција ќе се одржи под мотото „Uniting for Global food security” и има за цел  преку отвoрена дискусија и размена на искуства да се стигне до заедничко глобално решение како да се обезбеди храна за сите, во услови на воена криза која се случува на европско тло и која директно ја загрозува трговска размена и синџирот на снабдување со храна и енергенси во целиот свет.

Министерот Николовски ќе се обрати пред присутните и ќе даде свое видување на глобалната криза, предизвикана од воениот конфликт кој ја афектираше македонската економија, земјоделското производство, трговската размена и снабдувањето со храна.

Темата на министерската конференција ќе опфати и размена на позитивни резултати од превземени мерки за справување со кризата. Министерот Николовски пред присутните претставници на земји и организции од цел свет, ќе информира за позитивните резултати на Северна Македонија како единствена земја во регионот која воведе Интервентен фонд за поддршка на земјоделскиот сектор и за позитивните резултати во искористеноста на ИПАРД програмата како модел кој придонесе за развој на поволна инвестициска клима за домашни и странски субјекти, што ја маркира Северна Македонија како земја со одлични услови за микро и макро бизниси, особено во земјоделскиот сектор.