Македонија

Николовски: Граѓаните треба да критикуваат постојано, но и самите да се вклучат во борбата против корупцијата, појава која ја нагризува и иднината на нашите деца

Ние како Влада ги засилуваме сите механизми за борба против корупцијата кои ни стојат на располагање, а градиме и воведуваме и нови механизми за справување, искоренување и имплементација на конкретни мерки за превенција и сузбивање на високата корупција. Граѓаните треба да критикуваат постојано, но и самите да се вклучат во борбата против кариесот во општеството, појава која ја нагризува и иднината на нашите деца, појава која спречува развој и подобри и посигурни услови за живеење и работење. Ова е Влада која коренито се зафаќа со решавање на проблемите и веруваме дека и во оваа област граѓаните набрзо ќе воочат разлика и поместување кон подобро, истакна за МИА за вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Тој, во интервјуто за МИА, зборуваше за активностите кои ги преземаат во борбата со корупцијата, изготвениот План, чекорите кои ги предвидува, како и за неговото тековно спроведување.

Во однос на соработката со другите политички партии, Николовски нагласи дека има постојана координација со владината коалиција, но за најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ рече дека оттаму на секој чекор доаѓаат опструкции, попречувања или саботирања во испораката на правдата во разни случаи.

За извештајот на Стејт департментот во кој се наведува дека корупцијата во земјава е на високо ниво, вицепремиерот истакна дека не се рамнодушни кон извештаите кои ги констатираат слабостите на општеството,  но, како што рече,  тоа не само што не не’ демотивира, туку не прави поодлучни во битката.

За случајот со починатиот овчар Златко Божиновски, Николовски потенцираше дека по завршувањето на целата постапка, секаде каде што ќе биде утврдено, одговорност ќе има. Тој додаде дека Комисијата формирана од ЦУК работи и на ревидирање на стандардните протоколи кои довеле до затајување на алките во системот.

Во врска со софтверот за сообраќајни прекршоци на Драги Рашковски и сомнежите што ги покрена, вицепремиерот посочи дека законите мора да се почитуваат, сите сме еднакви пред нив, а надлежните институции во моментов постапуваат.

Во планот за борба против корупцијата најавувате повеќе мерки за справување со криминалот и корупцијата. Дали Планот ќе остане само на овие мерки, ќе претрпи ли некои измени и дополнувања, дали може да се очекува вметнување на некои странски искуства во делот на мерките?

-Планот е многу сериозен проект подготвен врз основа на препораки и предлози од надлежни институции, од објавениот јавен Повик за доставување на предлози од страна на невладини организации минатиот месец, од независните тела, како и врз основа на релеватните домашни и странски извештаи. Планот кој содржи 18 системски мерки, нови начини и соодветни механизми за спречување и искоренување на корупцијата е продолжение на она што започнавме да го работиме пред шест месеци. Иако планот е усвоен и понатаму се следат домашните и странските извештаи на тема корупција и криминал, се разгледуват странските искуства во однос на мерките и стратегиите. Веќе работиме на нова мерка која ќе придонесе во превенција и зајакнување на механизмите на контрола во борбата против корупцијата и судирот на интереси во јавниот сектор. Анализиравме дел од меѓународните заклучоци кои покажуваат дека преку воведување на законска обврска за пријавување на имотната состојба и судир на интереси односно сопственичка структура, акции и удели во трговски друштва на службени лица вработени во јавниот сектор со посебни овластувања, инспекторите, царински службеници и сите раководни административни службеници, ќе се оневозможи злоупотреба на службената должност и можноста за искористување на својата положба за прибавување на имотна корист, нанесување на штета или друг начин на влијание со кое службеното лице стекнува некаква корист за самиот себе или за него блиски лица. Со тоа никој нема да може да го сокрие својот имот и да се богати на грбот на граѓаните и државата. Сличен модел на широк опфат на пријавување на имотна состојба и судир на интереси има во
Романија, Литванија и Грција и истото се има покажано како навистина ефикасен модел.

Во Планот, како клучни проблеми ги истакнавте системската поврзаност и размената на информации. Кои конкретни чекори се преземаат за надминување на тие проблеми?

-За да може навреме да се откриваат коруптивните и криминалните случаи и навремено и ефикасно да се процесуираат предметите, да има брзи разрешници, неопходна е координација и размена на информациите помеѓу надлежните антикорупциски институции. И токму, тоа беше и еден од приоритетите на почетокот на мандатот, да согледаме каква е состојбата и што треба да се преземе. Она што можам да го наведам сумирано, е дека најголем проблем претставува системската поврзаност на институциите и брзата и ефективна дигитална размена на документи и ние активно работиме на
решавање на овој проблем како мерка во Планот за борба против корупција. Ги задолживме седумтте антикорупциски институции да се поврзат на Националната платформа за интероперабилност и ефективно да ја применуваат плаформата при прибирањето на податоци за одреден случај. Платформата обезбедува навремена размена на податоци по електронски пат, за предмети поврзани со корупција, што е важно за ефикасни и брзи резултати во решавањето на случаите за кои постои сомнеж за корупција. Никој не смее да затајува и забавува случаи каде има сомнежи за корупција. Ќе се формира Работна група којашто ќе работи на подготовка на нацрт текстови за измена и дополнување на закони заради дигитализација на процесите. Веднаш по оваа активност ќе следи формирање и на работна група составена од ИТ инженери од редот на вработените во надлежните министерства, чија цел ќе биде координација и следење на развој на дигитализација на процесите. Преку овие мерки ќе создадеме услови да се намали човечкиот фактор при одлучување во административни постапки,
бидејќи колку е помал просторот за човечко влијание, толку е помала и веројатноста за самоволие при постапување и коруптивни дејствија. Со овие мерки веруваме дека ќе ја намалиме и административната бирократија во однос на достава на докази до надлежни органи, така што оние докази кои веќе постојат во базите на органите ќе бидат повлекувани по службена должност токму преку употреба на Националната платформа за интероперабилност. Дополнително, со изводот од содржани податоци во
Централен регистар на население, ќе се заменат копиите од лична карта или пасош, извод од матичната книга на родени или венчани и државјанството, кои сега се бараат како докази во голем број на административни постапки. Сите овие процеси ќе им помогнат и на надлежните органи за борба против корупција и криминал, бидејќи податоците, кои им се потребни на овие органи за спроведување на конкретни предистражни или истражни мерки ќе им бидат веднаш достапни и ќе бидат точни и ажурни.

Мерките во Планот за борба против корупцијата содржат рокови за исполнување за повеќе институции, како се одвива реализацијата, односно колку институциите постапуваат по наведените задолженија во Планот и дали го запазуваат рокот?

-Точно, сите 18 мерки од Планот за борба против корупција, содржат задолженија за одредени институции. Мојот кабинет редовно врши мониторинг на степенот на реализација и постапување по задолженијата од страна на институциите. Воспоставивме пракса на секоја владина седница редовно да ја информирам Владата за реализацијата на мерките од Планот за борба против корупција. Планот се усвои на почетокот на минатиот месец и до денеска сите задолжени инистуции во зададениот рок ги исполнија своите обврски согласно заклучоците од Планот. Сите седум антикорупциски инистуции постапија по заклучокот од Планот и ги доставија потребните податоци за степенот на поврзаност со другите институции преку платформата Интероперабилност. Од страна на мојот кабинет детално се анализираат доставените податоци и врз основа на истите ги превземаме следните мерки и активности за подобрување на искористеноста на националата платформа за Интероперабилност, како за овие антикорупциски инистуции така и за останатите иниситуции кои е потребно да бидат дел од оваа платформа, а се со цел обезбедување на еден интегриран систем преку кој предметите поврзани со корупцијата брзо и ефикасно ќе се решаваaт. Во моментов се врши обработка на добиените одговори и анализа за тоа кои органи во наведените одговори се приклучени на Националната платформа за интероперабилност и дали имаат развиено соодветни веб сервиси неопходни за надлежните органи за борба против корупција. По завршената анализа, ќе следат предлози за преземање на конкретни мерки во насока на обезбедување на потребните податоци за овие институции преку Националната платформа за интероперабилност. Во однос на мерката која се однесува на поврзаноста на инспекциските служби преку електронскиот систем Е- Инспектор, Инспекцискиот совет во соодветниот рок достави спецификација за соодветен хардвер со процена на потребни финансиски средства за целосна имплементација на пилот проектот во Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот управен инспекторат, Е-инспектор. Во врска со мерката којашто превидува измена и дополна на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Министерство за правда во соработка со Државната комисија за спречување на корупција во превидениот рок достави информација до Владата на Република Северна Македонија за потребата од изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Би напоменал дека за секоја мерка има различен рок за исполнување на задолженијата од страна на институции, што е направено врз основа на детални анализи додека се подготвуваше Планот. Секако, има уште многу работа, важно е дека институциите соработуваат и искрено верувам дека во целост, во рамки на роковите сите мерки од Планот ќе се преточат во пракса и ќе придонесат за искоренување на оваа девијантна состојба, за подобар живот за секој наш граѓанин, преку чесни функционери и отчетни институции, кои ќе работат во интерес на граѓаните.

Ја повикавте и опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во заедничка борба против корупцијата. Дали се остварени разговори, има ли волја за соработка?

Високата корупција и организираниот криминал не е појава од вчера, туку е проблем кој со децении се појавува во разни форми, во некои сфери се надградил и проширил, а богами го има и во сите земји од светот, па и најразвиените. За успех во борбата против ова зло мора да има соработка и поддршка од сите. За жал, ВМРО-ДПМНЕ на секој чекор се обидува да опструира, попречува или да ја саботира испораката на правдата во разни случаи. Но еве, нека не соработуваат и нека ги одмагаат сите процеси. Јас искрено се надевам дека доколку некогаш дојдат на власт ќе продолжат да работат вака како што работиме. Потсетувам дека немаме ниту еден единствен случај на гонење или сомневање за извршен криминал во преку 10 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а сега реалноста е 100 отсто спротивна. Факт е дека се реагира на секој, макар и најмал сомнеж за корупција и криминал. Факт е дека имаме крупни случаи, крупни акции. Факт е дека имаме разрешувања на функционери кои делувале спротивно на законот и прописите. Тоа е реалност и тоа е најголемиот показател за разликата помеѓу нивното владеење и денешниот однос кон корупцијата и криминалот. Ние не се откажуваме од заложбата за соработка и ќе продолжиме да се обидуваме да градиме консензус со опозицијата за најважните државни прашања и интереси. Претседателот Зоран Заев во својата програма за реизбор во СДСМ нaведе дека еден од клучните приоритети во политичкото делување е промена на менталитетот на политичките партии во земјата и ние активно работиме кон тоа.

Освен со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, потребна е соработка и со сите политички чинители. Како стоите на тој план?

Координацијата во рамките на владината коалиција се одвива редовно. Заеднички ги дефинираме приоритетите и нема дилема дека битката против корупцијата е на врвот на таа листа. Сите се согласуваме дека никој не смее да биде над законите, без разлика дали и каква јавна должност извршува во моментов. Секој од политичките чинители имаше можност да даде свој придонес и да се вгради во Планот за борба против корупцијата. Правиме се’ што е во наша моќ нашиот фронт дополнително да се проширува и да стане сенароден и сеполитички кој ќе ги обедини сите граѓани кои се подготвени на бескомпромисна пресметка со ова општествено зло.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со секојдневни обвинувања до власта за, како што вели, скандали и матни случаи. Лидерот Христијан Мицкоски во едно интервју неодамна рече: „Николовски ја манипулира јавноста дека се бори против криминалот и корупцијата со тоа што заплени путер со поминат рок”. Ве повика да се произнесете во однос на најновиот случај „Двојник” поврзан со фалсификуваните пасоши и наркобосовите?

Повторно доаѓаме до она што го кажав пред малку околу нивната посветеност кон саботирање и борба за каков било поен плус на сметка на националните интереси. ВМРО-ДПМНЕ во мене гледа мета во која треба постојано да пука за што било и на каков било начин. Почнувајќи од небулозни измислици за имоти, фабрики и не знам што, се до безобразни лаги за вработувања на мои роднини итн. Во конкретниов случај, јас како човек со координативна функција во процесите сум горд на тоа што секоја институција успешно ги врши своите задачи, а таков е и случајот „Двојник”. Па зарем некој при здрав разум може да мисли дека таква акција од тој обем може да се спроведе и организира за само еден ден откако Мицкоски направи прес. Тоа е сериозна акција подготвувана долг период наназад и навистина не знам што му требаше таков потег на Мицкоски. Не сакам да верувам во тоа, но делува дека тоа беше направено исклучиво со цел да се саботира таа акција за која уште еднаш морам да им честитам на сите вклучени.

Случајот со починатиот овчар Златко Божиновски предизвика лавина реакции, барања за одговорност. Вие самиот кажавте дека освен детален извештај од ЦУК, сте побарале и од МВР да спроведе внатрешна контрола за да се испита постапувањето на надлежните полициски службеници. Но сепак одговорноста како да се префрла на пониските структури. До каде е овој случај?

Како човек кој е дел од власта, чувствувам голема мачнина што се дозволи да дојде до ова. Мора да има максимална транспарентност во процесот на утврдување пропуст и одговорност во случајот со Златко Божиновски. Расчистување и одговорност за овој случај мора да има. Неприфталиво и недозволиво е во 21 век да се носи човек на носилики, а институциите да не можат да детектираат како и на никој начин да се постапи во конкретни животозагрозувачки случаи. Од страна на мојот кабинет се доставија дописи до градоначалникот на општина Кратово, до Центарот за управување со кризи и до МВР, за детални извештаи за случајот. Дополнително од ЦУК и од МВР се побара да спроведат внатрешна контрола, за постапувањето на надлежните службеници. Според последните информации од ЦУК, од страна на Комисијата којашто ја формираше Центарот, е утврдено дека од страна на оперативецот во Кратово не бил побаран хеликоптер и не била известена Дирекцијата за заштита и спасување, со што се прекршени стандардно оперативните процедури и како што најави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, ќе биде поведена дисциплинска постапка. По завршувањето на целата постапка за случајот, секаде кадешто ќе биде утврдено, одговорност ќе има. Комисијата формирана од ЦУК работи и на ревидирање на стандардните протоколи кои довеле до затајување на кариките во системот. Информирани сме и дека во последна фаза е проектот со кој во случај на нужност граѓаните ќе бараат само еден оператор, на еден телефонски број без разлика дали е тоа пожар, акција за спасување, полициска асистенција или друго, со што точно ќе има протокол и синџир на одговорност, како и брзо, одговорно и навремено постапување на надлежните органи со секој конкретен случај.

Во Планот е ставен акцент на соработката со општините. Дали веќе дејствуваат на тоа поле?

Општините се местата кадешто граѓаните се обраќаат за се она што е поврзано со нивниот секојдневен живот, регионот кадешто живеат, животната средина, бизнисите и друго. Затоа е потребна максимална транспарентност и отчетноста на работата на општините. Дел од мерките од Планот за борба против корупцијата се однесуваат на општините, поточно тоа се мерките во делот на подготовка на годишна Анткорупциска програма, назначување на овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција, подготовка на интерни процедури за спроведувањето на јавните набавки, намалување на членовите на Управните одбори и друго. Мерките ги креиравме на начин да се однесуват не само за министерствата и органите на управата туку и за општините како битни иниситуции кои треба да покажат интегритет во превенција на корупцијата. Со овие мерки ќе се зголеми отчентоста и транспарентоста при работењето на општините . Откако се донесе Планот, имав средби со ЗЕЛС, со дел од општините, на одговорните лица им го презентирав планот и заеднички разговаравме за идните активности кои треба да се превземат од
нивна страна. Во периодот што следи ќе ја продолжиме комуникацијата со општините и мониторирањето во однос на спроведувањето на мерките.

Во последниот извештај на Стејт департментот се наведува дека корупцијата во земјава е на високо ниво. Сега имаме План, но кај нас проблем никогаш не биле законите, плановите, туку нивно спроведување?

Не сме рамнодушни кон извештаите кои ги констатираат слабостите на општеството. Но тоа не само што не не’ демотивира, туку не прави поодлучни во битката. Ние како Влада ги засилуваме сите механизми за борба против корупцијата кои ни стојат на располагање, а градиме и воведуваме и нови механизми за справување, искоренување и имплементација на конретни мерки за превенција и сузбивање на високата корупција. Граѓаните треба да критикуваат постојано, но и самите да се вклучат во борбата против кариесот во општеството, појава која ја нагризува и иднината на нашите деца, појава која спречува развој и подобри и посигурни услови за живеење и работење. Ова е Влада која коренито се зафаќа со решавање на проблемите и веруваме дека и во оваа област граѓаните набрзо ќе воочат разлика и поместување кон подобро. Оваа борба е во врвот на нашите заложби. Иако воведовме досега невидена транспарентност во начинот на кој се трошат јавните пари, свесни сме дека има уште многу работа до промена на менталитетот во кој функцијата се поврзува со привилегија, а не со одговорност. Денеска и бизнисмените, но и сите граѓани, многу послободно зборуваат за корупцијата, а отвореноста на институциите е неспоредливо поголема. Сите извештаи за нас се дополнителен поттик за поцврсти и поодлучни чекори во борбата. Како и во секоја друга тешка и долга борба, нема отстапување.

Во врска со софтверот за сообраќајни прекршоци на Драги Рашковски власта вели се е регуларно, во петокот Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција изврши претрес во просториите на фирмата „Инвока груп” и во домот на сопственикот, која се поврзува со софтверот. Дали во овој случај станува збор за висока корупција и дали ќе барате одговорност од Рашковски?

Институциите треба да си ја вршат работата во рамките на своите надлежности, и тоа важи за секој случај за кој постои било каков сомнеж. Законите мора да се почитуваат и пред законот сите сме еднакви. Конкретно за овој случај, надлежните институции постапуваат, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага по допрен глас за набавката на софтверот и соопшти дека се
издадени повеќе наредби за прибирање на потребната документација.

AnimeTV freak anime tv: JoJo's Bizarre Adventure: Diamond is Unbreakable (Dub) Episode 39

AnimeHeaven animes online: Naruto: Shippuden (Dub) Episode 500