August 10, 2022 22:07
Македонија

Николовски: Во разрешувањето на Нора Шакири нема било какви калкулации и селективност

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски тврди за ТВ 21 дека во разрешувањето на Нора Шакири Марковиќ од функцијата в.д директор на Театар Комедија се е чисто и нема место за калкулации.

Според информациите, оваа смена доаѓа по анонимната пријава за мобинг од страна на Шакири, која преку Фејсбук обвинува дека нејзиното разрешување е неосновано и дека во институцијата не е стигната никаква пријава за вршење на мобинг.

ТВ21 побара и став од вицепремиерот Љупчо Николовски, кој вели дека во месец септември до неговиот кабинет пристигнало анонимна претставка за в.д директорката на Национална установа Театар Комедија, Нора Шаќири, во која подносителот пријавил дека во институцијата се казнуваат лица директно со дисциплински постапки кои не се предвидени во статутот на институцијата.

„При тоа, подносителот посочува дека лицата се казнети и парично во време на изборен процес. Претставката беше анализирана од страна на мојот кабинет и пратена до соодветната надлежна институција, во случајов, Министерството за култура. Министерството за култура по претставката веднаш се има обратено до Државниот инспекторат за труд за понатамошно постапување по случајот. На 16-ти овој месец, Инспекторатот изврши вонреден инспекциски надзор кај работодавачот, НУ Театар Комедија. Во извештајот од инспекторатот е утврдено дека работодавачот спровел дициплинска постапка и изрекол дисциплинска мерка на работник во време на изборен процес, односно после распишување на локалните избори со што сторил повреда на член 8а став 1 точка 3 од Изборниот законик, но и повреда на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, вели Николовски за ТВ21.

Николовски потенцира дека кабинетот постапува по сите претставки кои пристигнуваат и ги спроведува до соодветната институција.

„И во овој случај беше доставен до Министерството за култура за понатамошно постапување. Нема простор за било какви калкулации и селективност во постапувањето. Сите сме еднакви пред законите и институциите мора неселективно да постапуваат владеењето на правото е основното начело по кое се водиме“, додава Николовски.

Инаку, на местото на Шаќири е поставена Магдалена Ризова Черних.