December 1, 2021 16:10
Свет

Ние сме против централизација на власта во ЕУ, порача полскиот премиер

Полска е лојална членка на Европската унија, но се противи на прекумерната централизација на моќта, порача денеска премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, во писмо до европските лидери.

Брисел долго предупредува дека реформите воведени од полската десничарска влада ја поткопуваат независноста на судството, но конфликтот ескалира овој месец кога Уставниот суд на Полска го оспори клучното начело на интеграција во ЕУ, пресудувајќи дека дел од европските норми се некомпатибилни со уставот на државата.

Во екот на продлабочениот спор за владеење на правото, се појавија шпекулации и за можен „полегзит“, но Моравјецки ги уверува европските партнери дека неговата влада нема намера да го следи британскиот пример и да ја изведе Полска надвор од ЕУ.

„Би сакал да ве уверам дека Полска останува лојална членка на Европската унија“, напиша тој во писмото објавено денеска на владината веб-страница.

Сепак, тој предупреди на опасни појави што ја загрозуваат иднината на Унијата.

„Мислам на постепената трансформација на Унијата во ентитет кој би престанал да биде сојуз на слободни, еднакви и суверени држави за да стане организам со вентрална администрација на институции лишени од демократска контрола“, наведува Моравјецки.

Во меѓувреме, со потег што сигурно дополнително ќе ги зголеми тензиите, министерот за правда на Полска, Збигњев Зијобро, денеска ја повика владата да преземе законски мерки против Германија поради, како што рече, системот на политички избор на судии во најголемата нација на ЕУ.

Зијобро е креатор на реформата на полското правосудство и лидер на малцинските конзервативни коалициски партнери во владата на Моравјецки и често се жали на наводно нееднаков третман на ЕУ кон Полска.