December 1, 2021 17:33
Свет

Нигериската војска објави за смртта на лидерот на Исламската држава во Западна Африка (ISWAP)

Нигериската војска објави дека е убиен лидерот на вооружената група поврзана со Исламската држава, Абу Мусаб ал-Барнави.

-Можам со сигурност да потврдам дека Абу Мусаб е мртов, изјави началникот на Генералштабот на нигериската армија, генерал Лаки Ирабор, не давајќи дополнителни детали за начинот на убиството, пренесе Бета.

Групата предводена од Ал-Барнави, Исламската држава во Западна Африка (ISWAP), не ја потврди неговата смрт.

Таткото на Ал-Барнави, Мохамед Јусуф, беше основач на Боко Харам, вооружената група која повеќе од една деценија го предводи бунтот во земјата, а насилството се прошири и во соседните Нигер, Камерун и Чад и ја дестабилизираше ситуацијата околу езерото Чад.

Ал-Барнави често пати се конфронтираше со човекот што го наследи неговиот татко, Абубакар Шекау, па затоа во 2016 година се отцепи од Боко Харам и ја формираше групата ISWAP.

Загриженоста за делувањето на Исламската држава во Западна Африка (ISWAP) се зголеми во последниве години, особено откако групата почна да напаѓа цивили кои работат за меѓународни организации на североисток од земјата. Фракцијата предводена од Шекау изгледаше ослабена и во мај беше објавено дека тој е убиен во судири со борците поврзани со Ал-Барнави.

Меѓутоа, аналитичарите сметаат дека Ал-Барнави не успеа да придобие илјадници припадници на Боко Харам, кои му беа  лојални на Шекау, а многумина место тоа и се предадоа на нигериската армија.