January 16, 2021 06:25
Скопје

„Не“ за насилството врз жените

#КажиНЕ и „Не си сама“ се главните слогани и пораки со кои Општина Карпош се приклучува кон „портокаловата кампања“ за спречување на родово базираното насилство која е светски глобален тренд во периодот од 25 ноември до 10 декември. Сите жени и девојчињата заслужуваат безбедно место за живеење.

Наместо тоа, во периодот на пандемијата од коронавирусот, се случува пораст на пријави за семејно насилство за 18 насто во шелтер центарот кој е сместен на територијата на Карпош, како и за 12 насто повеќе згрижување на жени, жртви на семејно насилство. Овој црн биланс со тенденција на раст, можеби не можеме во целост да го спречиме, но затоа можеме да помогнеме.

Токму затоа, Општина Карпош на шелтер центарот ќе му донира 50 заштитни маски и 50 пара заштитни ракавици, како и 10 шишиња средства за дезинфекција, како и донација на топла облека за згрижените семејства жртви на насилство. Со тоа локалната самоуправа само ја засилува поддршката која во континуитет му ја дава на овој шелтер центар на свое подрачје, со надеж дека на овој начин ќе се подигне и јавната свест за потребата од поголем сензибилитет и  препознавање на знаците и условите за појава на семејно насилство, како и вклучување во борбата против него. Инаку жените и девојките жртви на насилство во овој шелтер центар имаат двапати неделно бесплатно психолошко советување за справување со трауматичните состојби, како и бесплатна правна помош.

Одговорноста за  безбедна животна средина без насилство врз жените и девојчињата е одговорност на сите.