September 27, 2020 16:04
Скопје

Неформална средба на Богоев со жителите на Карпош 1 во новиот маалски центар

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев денеска имаше неформална средба со граѓаните во новиот маалски центар во Карпош 1, на улицата „Иван Аговски”.

-Овој маалски центар е вистинско место за дружба и рекреација на карпошани. Локалната самоуправа целосно го промени ликот на овој дел од Карпош. Засадена е нова тревна површина и украсни растенија. Исто така, за долготрајност на зеленилото се постави и систем за наводнување. За најмладите беше направено и ново детско игралиште, а поставена е и соодветна урбана опрема, клупи за седење и корпи за отпадоци, информираат од општина Карпош.

Оттаму велат дека родители, деца, баби и дедовци со својата енергија и присуство потврдуваат дека овие јавни површини се важни за граѓаните, затоа што се најблиску до нив.

-Просторот меѓу зградите, внатрешно во населбите добива нова вредност. Истиот се приспособува за потребите на сите генерации на граѓани и се надоместува изгубеното зеленило. За жал, оваа година, како резултат на Ковид – 19, во населбата Карпош 1 не се одржа Меморијалниот турнир „Сокол”, кој е симбол на спортскиот живот во Скопје. Но, овие маалски паркови се места каде што граѓаните и во текот на пандемијата можат да се рекреираат, одржувајќи растојание, носејќи заштитни маски и правејќи честа дезинфекција, истакнуваат од општината.