April 5, 2020 01:33
Свет

Нетанјаху ќе го обнови испраќањето еврејски доселеници на Западниот брег

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска соопшти дека ќе го реализира планот за изградба на околу 3.500 домови за еврејските доселеници во една од најчувствителните области на Западниот брег, проект што првично беше замрзнат заради меѓународниот притисок, пренесоа британските медиуми.

Палестински и странски противници на планот за изградба за реонот Е-1 на Западниот брег предупредија дека израелските станови на голите ридови на коридорот можат да го поделат Западниот брег, да ги одалечат Палестинците од Ерусалим и дополнително да им ја замаглат надежта за сопствена држава.

-Дадов инструкции за итно депозирање на планот за изградба на 3.500 станбени единици во регионот Е-1, рече Нетанјаху, искористувајќи го административниот термин за првата фаза од процесот на планирање.

-Овој процес се забави 6,5 години, рече тој во својот говор, на шест дена пред националните избори, на кои лидерот на десничарската партија Ликуд се стреми да ја добие поддржката од доселниците и поддржувачите.

Планот Е-1 ќе ја прошири големата еврејска населба Маале Адумим, ефикасно поврзувајќи ја со Ерусалим, на околу 15 минути пат со автомобил.

На 20 февруари Нетанјаху соопшти дека заживува проектот за изградба на 3.000 нови станови за луѓето кои се преселуваат во Гиват Хаматос, на Западниот брег, во предградијата на еврејската престолнина.

Палестинците и голем дел од светот израелските еврејски населби на Западниот брег, заземени во екот на Шестдневната војна од 1967 година, ги третираат како незаконски, согласно меѓународното право. САД и Израел го оспоруваат овој став.