June 24, 2022 22:57
Балкан

Ненад Периш: Голема благодарност до Белград и до сите што од срце се молеа за мојот Матеј

Tелото на Матеј Периш (27), денеска, од црквата „Свети Антониј“ во Белград беше испратено во Сплит, каде што ќе биде погребан. Телото беше во црквата од 15 часот, а во 17 часот беше oдржано испраќање на чело со белградскиот надбискуп Станислав Хочевар.

За потсетување, вчера беше потврдено дека младиот човек чие тело беше пронајдено завчера во Дунав е Матеј Периш. Српски „Телеграф“ пренесе дека ДНК-анализата докажала оти се работи за исчезнатиот граѓанин на Сплит. Причината за смртта е давење, покажа обдукцијата. Ќе се прави и токсиколошка анализа, но овие резултати се очекуваат за неколку недели.

„Сега е готово, си одам дома со син ми. Би сакал да се обратам до вас новинарите, би сакал да му се заблагодарам на градот Белград за големото срце што ми го даде. Без разлика што мојот син тука го заврши својот земен живот, срцето што ми го даде Белград, граѓаните на Белград и цела Србија ми помогна многу за овие 139 дена да почувствувам човечка љубов, грижа, сочувство и сѐ што му треба на човек во вакви моменти“, изјави таткото на Матеј, Ненад Периш.

„Би сакал да се заблагодарам и до МВР на Србија, тие завршија огромна и неверојатна работа, секој контакт со нив беше, пред сѐ, човечки, а потоа професионален и таков каков што ми требаше за да го поминам овој период, а сепак да ги дознаам деталите. Благодарам на секој полицаец, началник и на сите што учествуваа во тоа. Би сакал да му се заблагодарам и на хрватското МВР и тие завршија одлична работа, благодарам. Благодарам и на Министерството на БиХ и тие учествуваа на почетокот. Ви благодарам на сите вас новинарите, снимателите, вашите редакции, на сите посебно. Мислам дека покажавте оти сте луѓе и дека во вакви тешки ситуации ја знаете разликата помеѓу вест и болка. Им благодарам на католичките свештеници, но и на патријархот Порфириј, очекувам дека ќе дојде сега. Со неговите епископи, владици и сите православни верници, кои со отворено срце се молеа за Матеј“, рече татко му.

На погребот на Матеј Периш служеше белградскиот архиепископ Станислав Хочевар. На богослужбата присуствуваше и српскиот патријарх Порфириј.

-Дали смртта е последниот збор за нас или смртта е она што го вели таткото на Матеј. Болно, трагично, кога мајка си го праќа синот во војска, или девојка праќа момче во војска. Кога ќе помине еден месец, два дена да го види. А да не зборуваме кога ќе го испратиме нашиот син во војската Христова, во вечноста, и да чекаме кога ние ќе дојдеме да го гушнеме и видиме – рече патријархот Порфириј по погребот.