August 13, 2022 17:28
Македонија

Нема зима за фирми блиски до Владата – избегната трагедија на автобус на Дурмо Турс

На 23 јуни 2022 година, четвртокот, се избегна нова трагедија поврзана со автобус за превоз на патници, кога на превозно возило на “Дурмо Турс” во возење му пукнало тркало и ги загрозило животите на околу 12 патници.
На 19 февруари 2019 година, кај Ласкацри животот го загубија 16 лица токму во автобус на “Дурмо турс”. На 23 март 2021 година на судското рочиште за овој случај, сопственикот на фирмата Дурмуш Белули, посочи вина кај возачот, и ги одби обвинувањата за вршење притисок врз вработените во станицата за технички преглед да внесат неточни информации.
Овој четврток, пред да се случи инцидентот со тркалото кој ги загрози животите на патниците, возачот го запрел возилото бидејќи веројатно почуствувал проблем при возењето. Но, знаејќи ги наводите на гореспоменатото рочиште, се поставува прашањето, дали возачот продолжил да управува со возилото поради притисок да го направи тоа?
За потсетување, минатата година ја одбележаа низа човечки трагедии во кои објективно постои човечки фактор. Фактор, кој покрај техничка природа има и политичка димензија. Политиката димензија се однесува на мрежната поврзаност на коруптивни фирми и владејачките партии, кои заедно го делат пленот од нивната коруптивност.
Една од минатогодишните несреќи е онаа на автобусот на “Беса транс” кој се крена во пламен во ноември во Република Бугарија, и однесе многу човечки животи со себе. За несреќата, не само што немаше одговорност, туку дополнително имаше институционално блокирање на испитувањето, и се обелодени поврзаност помеѓу Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со станицата за технички преглед во која поминал автобусот кој се запалил.
Во декември, Левица произнесе информации дека од Министерството за внатрешни работи и Оливер Спасовски нема коментар зошто станицата за технички преглед на компанијата „ВИА КОМЕРЦ Џемаљ”, во која бил регистриран автобусот кој изгоре во Бугарија на „Беса транс” и за која биле утврдени серија неправилности уште во август, добила решение за забрана на работата дури три дена по несреќата во ноември.
Имено, во станицата за технички преглед се констатирани неправилности во работата кои можат неминовно да допринесат до небезбедни возила на патиштата. Покрај нестручни лица кои ги извршуваат прегледите на возила, забележано е дека компанијата не води регистар на прегледани возила.
Сепак, предлогот за забрана за работа на станицата министерот Оливер Спасовски не го потпишал, за на 5-ти октомври во станицата да пристигне автобусот, кој во ноември беше причина за ужасна трагедија.
Имајќи го ова во предвид, тоа значи дека фирмите кои имаат специјален третман од ДУИ и СДСМ, можат да ја заобиколуваат предвидената законска регулатива, за да го максимизираат својот профит кој го делат со политичарите на грб на потрошувачите.
Сепак, оваа коруптивна пракса која е присутна во сите сфери од општествениот живот и економијата, има фатални последици кога станува збор за гранки од стопанисувањето кои се однесуваат на добра и услуги кои непосредно можат да го загрозат животот на корисниците.
Не постои рокада на владиниот кадар која може да го испере злосторничкото дејствување кое во повеќе наврати народот го чинеше човечки животи – предвремени избори значат сламка спас од канџите на хибридниот мафијашки режим.