April 21, 2021 01:48
Балкан

На Кипар доминира нова мутација на коронавирусот, „братучед” на британскиот вид

Република Кипар веројатно има своја, „кипарска” мутација на коронавирусот, со оглед на тоа дека 90 отсто од позитивните случаи од декември 2020 година се од видот Β.1.258кој на островот е „увезен” од четири европски земји, покажуваат резултатите од истражувањето на кипарски научници, јави дописничката на МИА од Атина.

Во „Истражувањето спасува животи”, со цел да се анализира пандемијата на Кипар, лабораторијата за биотехнологија и молекуларна вирусологија на Универзитетот во Кипар, кипарската компанија за биотехнологија „NIPD Genetics” и ковид болница од островот, во соработка со белгискиот католички универзитет од Лувен и други научници, анализирале 768 примероци на потврдени случаи на коронавирусот во периодот од март 2020 до јануари 2021 година, а на Кипар идентификувани се 37 различни мутации на Ковид-19.

Конкретната мутација што е најзастапена, односно „кипарскиот” вид Β.1.258 е слична на британскиот вид (Β.1.1.7) и е присутна во неколку земји, на Кипар стигнала од Шведска, Велика Британија, Словенија и Данска, а од островот е „извезена” во Велика Британија, Чешка и Данска.

Професорот Леондиос Кострикис, кој е раководител на лабораторијата за биотехнологија и молекуларна вирусологија на Универзитетот во Кипар вели дека кипарскиот вид е „братучед” на британскиот вид и не се оспорува ефикасноста на постоечките вакцини и за оваа мутација.

– Овој вид, на Кипар пристигна околу септември 2020 година и оттогаш преовладува кај заразените. Во последните месеци, 90 отсто од заразените се со овој конкретен вид, вели Кострикис за кипарската државна телевизија РИК, додавајќи дека и овој тип, исто како и британскиот, брзо се шири.

Во однос на британскиот вид Β.1.1.7, генералниот директор на „NIPD Genetics” вели дека во декември се појавил со само еден отсто, но за еден месец достигнал до 16 проценти.