December 10, 2022 06:04
Балкан

На изборите во БиХ претседател на избирачки одбор признал дека и ги украл гласовите на Тривиќ

Кандидатката за претседателка на Република Српска на изборите во Босна и Херцеговина од редовите на Партијата за демократски прогрес (ПДП), Јелена Тривиќ, според официјалните записници, не добила ниту еден глас во Крајишник, родното село на нејзината мајка. По ваквите зачудувачки информации, новинарски екипи го посетија местото, а претседателот на избирачкиот одбор јавно им признал дека и ги украл гласови на Тривиќ.                                            Трката за претседател на Република Српска беше меѓу најинтересните на изборите што се одржаа во неделата во Федерацијата Босна и Херцеговина, на кои се избираа и членови на претседателството на БиХ. Тривиќ му беше главна ривалка на Милорад Додик во трката за претседател на РС и во текот на изборната ноќ со нејзината партија ПДП прогласија победа. Набргу потоа истото го направи и Додик, по што и официјалните резултати покажаа предност за него. Меѓутоа, ПДП останаа на ставот дека нивната кандидатка ги добила изборите и обвинува за изборна кражба.                                                                                                                            Екипата на телевизијата Бе-ен се упати во селото Крајишник, родното место на мајката на Тривиќ, а според податоците кои биле доставени од локалните изборни одбори до Централната изборна комисија, Тривиќ немал ниту еден глас. Додик освоил 141, додека третиот кандидат Зоран Калиниќ од партијата Наша приказна РС имал 137.                                                                    -Јелена е овде родена. Нејзината мајка е родена и порасна овде и не е можно да нема гласачи. Мене ми се јавија многу луѓе. Гласав и јас, сопругот, братот, снаата, снаата на брат ми, синот… Гласаа многу луѓе. Како наводно да имало некаква грешка и нејзините гласовите заминале таму кај некој Зоран Калиниќ. Како можело на ист начин да завршат кај него и гласовите во Челинац? Тоа е невозможно“, вели пензионерката Стана Санчанин пред камерите на ТВ Бе-ен. Претседателот на тамошниот избирачки одбор, Стеван Гутиќ, исто така, јавно признава дека „по грешка“ ги запишал гласовите за Тривиќ на контото на Калиниќ. За ваквиот пропуст се правда со доцните вечерни часови и заморот.                                                                                          -Јас кај Зоран Калиниќ, кој на гласачкото ливче се наоѓа над Јелена, ги запишав податоците наместо кај неа, вели Гутиќ.                                                                                                                              На прашање на новинарската екипа дали знае дека се работи за кривично дело, тој признава дека е свесен за тоа, но дека во договор со Изборната комисија не ги менувал податоците бидејќи му било кажано дека ќе има ново пребројување на гласовите. Ова, според сведочењата на мештаните, не е првпат да има вакви изборни измами.                                -Минатото гласање ги повикаа набљудувачите надвор и им рекле дека Додик мора да помине по секоја цена. Уценуваа човек. Сосетката ми кажа дека денеска и во соседното село допишувале гласови. Крадат, брате, вели пензионерката Стана.                                                      Покрај во родното село на нејзината мајка, Тривиќ не освои ниту еден глас и на избирачкото место во градот Челинац на кое гласа семејството на нејзиниот сопруг. Станува збор за избирачко место број 35 во кое според официјалните резултати Додик освоил 235 гласа, Зоран Калиниќ 204, а Јелена Тривиќ нула.