Свет

Најмалку 22 лица загинаа во невреме во Индија и Бангладеш

Најмалку 22 лица загинаа во циклонот „Амфан“ што ги погоди бреговите на Индија и Бангладеш.

Циклонот предизвикал големи бранови што ги прекриле насипите и мостовите, ги корнел покривите на куќите и оставил многу жители без вода и електрична енергија, пренесува АП.

Иако циклонот ослабнал во средата вечерта, голем број луѓе се евакуирани, а официјалните лица предупредуваат дека обновувањето ќе биде спречено од пандемијата на вирусот Ковид-19.

Осум лица загинаа во Бангладеш, а 12 во западен Бенгал во Индија, додека властите исто така пријавија и два смртни случаи на Бенгалскиот Залив.

Повеќето загинале поради уривање на ѕидови, давење или поради паѓање на дрвјата.

Се проценува дека циклонот Амфан има јачина на ураган од трета категорија, чии налети на ветрот достигнале 190 километри на час, откако стигнал до брегот на двете земји.

Во Бангладеш, околу милион граѓани останале без електрична енергија, а стотици села се поплавени.

Властите на Западен Бенгал изјавија дека е тешко да се процени штетата за сега.