August 8, 2022 18:12
Свет

Најмалку 18 загинати во рускиот ракетен напад на трговски центар во Кременчук

Стотици војници, пожарникари и други спасувачи цела ноќ пребаруваа по урнатините на трговскиот центар во централниот украински град Кременчук, кој вчера беше погоден со две руски ракети додека бил полн со луѓе. Претседателот Володимир Зеленски кажа дека во моментот на нападот внатре имало над илјада луѓе.

Бројот на загинати во меѓувреме порасна на 18, повеќе од 60 луѓе се повредени, а 36-мина се водат како исчезнати, изјави гувернерот на регионот Полтава, Дмитро Лунин.

-Ова не беше случаен удар, туку добро промислен руски напад. Земјата на Владимир Путин тукушто стана најголемата терористичка организација на светот. Трговскиот центар не претставуваше никаква закана за руската војска, изјави Зеленски.

Русија засега не го коментираше нападот, додека рускиот амбасадор во ОН, Дмитри Пољански, ја обвини Украина дека го користи инцидентот за да придобие симпатии во пресрет на самитот на НАТО, кој почнува денеска.

Украинската војска вчера кажа дека трговскиот центар бил погоден со два крстосувачки проектила со долг дострел, испукани од бомбардери „Ту-22М3“ од небото над западниот руски регион Курск.

Кременчук е индустриски град кој имал 217.000 жители пред почетокот на руската инвазија. Таму се наоѓа една од најголемите нафтни рафинерии во Украина, која Русите веќе ја ракетираа.