February 3, 2023 11:40
Свет

Најмалку десетмина убиени во оружен напад на милитанти во главниот град на Сомалија

Најмалку десет лица се убиени во напад на вооруени милитанти во хотел во близина на претседателската палата во сомалиската престолнина Могадишу, соопшти полицијата.

Меѓу жртвите има и две лица со двојно сомалиско-британско државјанство, појасни Мохамед Дахир од сомалиската полиција. Во нападот е повреден сомалискиот министер за внатрешна безбедност, Ахмед Мохамед Дудише.

Хотелот што често е собиралиште на политички и јавни личности, до доцна синоќа се уште беше под опсада, а терористичката милиција Ал Шабаб соопшти за борби во хотелот на нивната радио станица.

Нападот во Могадишу се случи два дена по големата операција на сомалиската војска во центарот на земјата, во која според вооружените сили беа убиени најмалку сто борци на Ал Шабаб, вклучително и десет милитантни водачи.

Сомалија со децении е во безередие и конфликт, а најмногу проблеми за властите претставуваат токму милитантите од Ал Шабаб.

Изминатите неколку месеци Владата презеде серија акции против терористичката група, која контролира големи делови од централните и јужните делови на Сомалија.

Сомалиската армија со поддршка на вооружени кланови и цивили, неодамна успеа да ја врати контролата врз голем дел од областите што беа под управа на милитантите од Ал Шабаб.