October 25, 2020 01:35
Македонија

Најкритичен месец во екот на пандемијата предизвикана од коронавирусот се очекува да биде јануари

Најризичен период во справување со пандемијата предизвикана од коронавирусот се очекува да биде месец јануари идната година, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ Филипче објаснува дека јануари е период кога ќе заврши циклусот од два месеца кога луѓето ќе поминуваат повеќе време во затворен простор.

Според министерот за здравство полициски час нема да има на ниво на држава, без оглед каква ќе биде епидемиолошката слика, туку можно е по таков непопуларен потег во справувањето со пандемијата да се посегне само во одредени општини или населби.

Филипче предупредува дека казни за неносење маска мора да има, бидејќи за него е неприфатливо да не се почитуваат мерките.