June 25, 2022 22:26
Македонија

Началникот на Генералштабот во Брисел на работни состаноци на Воениот комитет на ЕУ и НАТО

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во работна посета во Брисел, утре ќе учествува на состанок на Воениот комитет (ВК) на Европската унија, додека в четврток во седиштето на НАТО ќе учествува на редовното заседание на ВК на НАТО.

Воените и цивилни мисии и операции на Европската унија, се во фокусот на разговорите на состанокот на Воениот комитет на Европската унија на ниво на началници на Генералштабови.

На состанокот на ВК на НАТО, под раководство на претседавачот, адмирал Роб Бауер, согласно соопштената агенда, најавија од ГШ, началниците на Генералштабови во издвоени сесии ќе дискутираат за повеќе теми поврзани со безбедносната политика на НАТО, како и проектите кои се однесуваат за долгорочната одбранбена позиција на НАТО.

Генералот Ѓурчиновски во текот на престојот во Брисел, најавија од ГШ, ќе оствари средба и со припадниците на мисијата на Република Македонија при НАТО, додека за време на заседанијата ќе има можност за меѓусебни средби со првите луѓе на сојузничките армии, преку кои се иницираат и повеќе билатерални одбранбени активности.