August 12, 2022 01:25
Свет

Науседа: Литванија е подготвена на одговорот на Русија поради блокадата на транзитот на стоки до Калининград

Литванскиот претседател Гитанас Науседа изјави дека неговата земја е подготвена за секаков одговор од Русија, откако неговата земја го забрани транзитот на одредени стоки до руската ексклава Калининград преку нејзина територија, пренесе Си-Ен-Ен.

-Подготвени сме за некаква непријателска акција од страна на Русија, за исклучување од системот БРЕЛ или други дејствија, рече Науседа. БРЕЛК( BRELL) е енергетска мрежа што ја споделуваат Русија, Белорусија и балтичките земји.

Науседа додаде дека не верува оти Русија ќе ја ангажира војската против Литванија, бидејќи таа е членка на НАТО. Тој изјави дека со блокирањето на транзитот кон Калининград, Литванија ја спроведе одлуката на ниво на ЕУ.

– Ние само ги применивме санкциите, што беа усвоени на ниво на ЕУ, а тоа нема никаква врска со билатералните односи меѓу Русија и Литванија, рече Науседа.

Тој додаде дека би било добро Европската комисија да им ја објасни содржината на санкциите на руските власти, бидејќи со тоа „ќе се отстранат некои тензии кои се појавуваат сега” и дека ескалацијата на тензиите не е во корист ниту на Литванија, ниту на Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека Русија размислува за одговор на забраната за транзит. Тој не даде детали за какви мерки размислува Русија и додаде дека нема точна временска рамка за одговорот на Москва на акцијата на Литванија.