August 20, 2022 01:18
Македонија

Народот ќе плаќа поскапа струја затоа што власта го уништи РЕК и го намали домашното производство на струја

Интегрален текст од прес конференција на Стевче Антовски, член на комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ

АД ЕСМ на тендерот на ЕВН ХОМЕ за периодот јули-декември 2022 година достави понуда со која ќе се покријат 100% потребите на ЕВН ХОМЕ на регулираниот пазар на електрична енергија, по цена од 48 евра/MWh. Оваа цена е за 17% поголема од досегашната цена која изнесуваше 41 евра/MWh.

Ова е доволен доказ дека нẻ чека ново големо зголемување на цената на струјата од јули годинава.

Срамно е што одговорните лица на СДСМ оправдувањето за новото покачување на цената го бараат во поскапите цени на енергенсите на берзите.
Кога веќе сакаат да прават споредби на производната цена на АД ЕЛЕМ со цените на берзите, нека кажат за потрошените 200 милиони евра добиени од буџетот во последните 7 месеци за купување на електрична енергија од берзите поради неможноста на АД ЕЛЕМ да произведува домашна електрична енергија.

Дали новото покачување на струјата е директна последица на најниското домашно производство на електрична енергија за 2021 година од 3200 GWh?

Раководството на АД ЕЛЕМ наместо да се правда и да го релативизира новото покачување, да објасни како од општествена одговорна компанија стана загубар со 17 милиони евра за 2020 година, со 23 милиони евра за 2021 година и е еден од најголемите должници во државата кон своите доверители.

Денеска сите компании што произведуваат електрична енергија во светот остваруваат големи профити, поради високите цени на берзите. Само нашата домашна компанија за производство на електрична енергија АД ЕЛЕМ генерира загуби.

Наместо целосно исправни и ремонтирани производни капацитети со навремен и доволен ископ на јаглен, Владата на СДСМ само за пет години успеа да го уништи РЕК Битола во целост. Без правилно и навремено одржување и модернизација, со чести хаварии и пожари во блоковите, со поплавени рудници и тендери во четири очи, без нови наоѓалишта и откопи на јаглен јасно е дека ЕЛЕМ секоја година ќе произведува сẻ помалку и помалку електрична енергија. Исто така, потсетуваме на непланското користење на водата од нашите акумулациите на хидроцентралите, додека СДСМ се фалеше дека продавале струја на берзите и оствариле профит, но за жал кога цената на берзата е најниска во летните периоди.

Таа е почитувани, вистината за состојбата на АД ЕЛЕМ. За да го оправдаат криминалот во енергетиката, СДСМ смисли интересно „зелено” сценарио, според кое иднината на македонската енергетика е во обновливите извори на енергија. И додека најбогатите европски земји се враќаат кон јагленот како гориво, нашите енергетски експерти од СДСМ нẻ втурнаа во енергетска катастрофа, која тешко дека набргу ќе ја надминеме.

Да не заборавиме дека со СДСМ на власт, струјата се покачи за повеќе од 50 % во период од летото 2020 година до сега, а енергетските компании станаа најголеми загубари. Не се доволни ни лагите на Регулаторот, кој се обидува да го сврти вниманието на јавноста од вистинскиот ценовен шок кој што ќе се случи на 1-ви јули, со таканаречените блок тарифи за домаќинставата. Тоа се приказни за оние кои што не знаат дека енергетското цунами наречено СДСМ не може да донесе добро за Македонија. Како што ни го урнаа идентитетот со промената на името, така ја урнаа економијата и енергетиката.

Доста ни е од оправдувања и постојани покачувања на цената на струјата. На Македонија и треба правилен развој на енергетиката, со цел да може правилно да се развива и стопанството. Потребни се избори, за што побрзо заминување на СДСМ од власт, за спас на Македонија!