January 23, 2021 05:33
Македонија

Народен правобранител: Секој ден посветено да се работи за хармоничен развој на децата

По повод 20 ноември, Светскиот ден на детето, кој оваа година се одбележува под мотото: „Вложувањето во нашата иднина значи вложување во нашите деца“, Народниот правобранител потенцира дека истиот треба да биде поттик за уште поголем интерес на надлежните органи за подобрување на состојбата со правата на детето и за континуирани заложби и ативности за овозможување уживање на овие права, секој ден во годината.

„Несомнени се заложбите за подобрување на состојбата со правата на детето како на домашен, така и на меѓународен план. Но, фактот дека не секое дете има непречен пристап до овие права, дека голем број деца немаат основни услови за живот, оставени сами, на маргините на семејството, заедницата, општеството, без потребната грижа и внимание, укажува дека мораме попосветено да работиме во надминување на сиромаштијата и ризиците кои го попречуваат хармоничниот развој на личноста на детето“, се наведува во соопштението на Народниот правобранител, Иџет Мемети.

Тој воедно укажува дека доколку целта е да се обезбеди стабилна, сигурна и просперитетна иднина за нашето општество, треба час поскоро да се осврнеме кон децата и обезбедувањето непречено остварување на правата на секое дете, без исклучок.

„Темелите на правата во Конвенцијата за правата на детето треба да бидат императив во нашето работење. Упатувајќи апел за заедничко дејствување за подигање на јавната свест за правата на детето, сакам да укажам дека грижата и заштитата на децата е обврска на секој од нас и сите ние треба да придонесеме за нивниот правилен психофизички развој, да ги воспитаме и образуваме во духот на толеранцијата и прифаќање на различностите, да ги научиме како да одбегнуваат конфликтни ситуации и да го изберат дијалогот како начин на решавање на проблемите, со што ќе придонесеме детето да биде подготвено да живее во духот на мирот, достоинството, толеранцијата, слободата, рамноправно и солидарно со другите“, порачува Народниот правобранител.