February 22, 2020 08:38
Спорт

Наполи го победи Јувентус

Фудбалерите на Наполи го изненадија шампионот Јувентус и на домашен терен запишаа победа од 2-1 по четири порази во Серија А,  со головите на Зиелински и Инсиње.  Со оваа победа, тимот од Неапол им направи услуга на Лацио и Интер кои кикснаа ова коло. Сега Јувентус е прв со 51 поен, а Интер има три бода помалку.

По мирното прво полувреме, веднаш на стартот на второто се случи голем пех за Маурицио Сари и Јувентус. Миралем Пјаниќ мораше да го напушти натпреварот поради повреда, а неговото место го зазема Адриен Рабио.

Зиелински го отвори резултатот во 63. минута, Полјакот се најде на право место во право време и ја смести топката во мрежата откако Шчесни го одбрани ударот на Инсиње.

Во 86. минута Инсиње биеше со волеј за 2-0 и голема радост на Сан Паоло. Во последните мигови, Кристијано Роналдо постигна почесен гол за „старата дама“ и ја продолжи голгетерската серија, ова е осми меч во низа на кој се запишува во листата на стрелците.

Нашиот репрезентативец Елиф Елмз влезе во игра во 81 минута на местото на Зиелински.

Наполи со овој триумф стигна до 27 бодови, со што скокна три места на табелата и сега се наоѓа на десеттата позиција