December 1, 2022 18:15
Македонија

Наместо нови учебници, МОН платило 530.000 евра за привремени материјали за учење, компилација од минатогодишните и дел од новите учебници

Интегрален текст од прес конференција на Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Во Министерството за образование и наука се е сведено на импровизации што скапо се плаќаат. Јавноста добро е запознаена дека наместо нови учебници, се изготвија привремени материјали за учење и верувале или не истите тие привремени материјали чинат 32.581.158 денари или 530.000€. Овие експерименти во МОН се со следниов тек.

Половина милион евра се плаќаат таканаречени скрипти, кои ќе служат еднократно. Се покрива неспособноста на власта навреме да се обезбедат учебници, и се создава простор за профит на поединци.

Да тргнеме со ред, како почнува сагата од половина милион евра.

1. Министерството за образование и наука објавува конкурс преку педагошка служба. Согласно концепцијата за дигитализација, за прво и четврто одделение беа предвидени дигитални учебници кои не успеаја да ги дигитализираат, па ги повлекоа. Согласно податоците со кои располагаме ги повикале истите автори годинава, кои се јавиле на конкурс и истите тие книги, што требаше да бидат дигитални, ги поделиле во делови и така ги направиле привремените материјали за учење за прво и четврто одделение.

2. За второ и петто одделение ги повикале истите автори, тука додале неколку нови и тие по наставните програми подготвувале учебници. Од овие учебници кои пак најверојатно уште се преведуваат и не се финални, сепак од нив биле искористени делови за да се подготват привремените материјали за да имаат барем нешто спремно за први септември.

Ова буквално значи дека децата ќе учат од материјали, кои власта успеала да ги скрпи пред самиот почеток на учебната година, затоа што со години ништо не превземаат. И наместо нови учебници имаме компилација на привремени материјали од минатогодишните учебници и дел од новите која Министерството за образование и наука ја платило 530.000€.

Додека наставниците, учениците и родителите се обидуваат да се справат со тоталниот колапс, експериментите што се целосна алтернатива на учебникот чинат илјадници евра. Тука се поставуваат три сосема логични прашања за кои Министерството за образование и наука е должно да одговори. Прво, кој ги одобрил овие материјали да бидат составен дел од образовниот процес на ученикот и второ, кој и зошто ја определил оваа енормно висока цена за привремени материјали за учење од кои дел се збир од учебен материјал од минатата година? И трето и најважно, кој профитира од дупло печатење кога можеле да се испечатат учебници наместо привремени материјали? Дали два пати се плаќа за иста работа и дали за ова некој зема голема провизија?

Ова е уште еден огромен скандал во образовниот систем каде криминалната власт на СДСМ заработува,
додека се случува тотален распад на системот и на институциите. Јавноста
очекува одговори – кој профитираше 530.000€ за привремени материјали за учење?