August 15, 2020 04:16
Свет

Намален бројот на самоубиства во Јапонија минатата година

Бројот на самоубиства во Јапонија во 2019 година се спушти на најниско ниво во последните 40 години, соопшти полицијата, истакнувајќи дека десетта година по ред се бележи пад на црната статистика.

Традицијата на самоубиства во Јапонија како начин да се избегне срамот или губењето на честа е долга, а стапката на самоубиства и натаму е највисока меѓу земјите членки на Г7.

Но, со напорите на државата, стапката на самоубиства во земјата се намалила за 40 проценти за околу 15 години, пренесува „Ројтерс“.

Според првичните податоци објавени од полицијата, бројот на самоубиства во 2019 година опаднал за 881, а вкупниот број на луѓе кои си го одзеле животот е помал од 20.000, за прв пат откако почнала да се води евиденција во 1978 година.

Иако полицијата не ги навела причините за намалувањето на стапката на самоубиства, се проценува дека тоа се должи на подобрувањето на економската состојба и програмата за превенција од самоубиства во 2007 година, според „Ројтерс“.