November 24, 2020 03:13
Македонија

Над 270 деца во земјава се регистрираат со некакво оштетување на слухот, кај едно од илјада новороденчиња целосно губење на слухот

Секоја година, над 270 деца во земјава се регистрираат со некакво оштетување на слухот и во просек кај едно од илјада новороденчиња се утврдува целосно губење на слухот. Ова се дел од податоците кои го илустрираат предизвикот за чие ефикасно решавање дискутираа врвните медицински експерти од 15 земји од регионот и ЕУ, во рамките на 17-от Европски балкански конгрес за кохлеарни импланти и врвни-технологии на слушни помагала, што од 24 до 26 октомври за првпат се одржува во Скопје.

На Универзитетската клиника за уво, нос и грло во нашата земја повеќе години успешно се спроведува Програма за вградување на слушни импланти по хируршки пат, со што им се овозможува на децата со тешко оштетување на слухот да слушаат и да го развијат говорот и комуникациските вештини.

„Горди сме што и во нашата земја се забележува значителен напредок на Програмата за кохлеарна имплантација со што им овозможуваме на нашите деца со вродено и стекнато тешко оштетување на слухот да се вклопат во светот што слуша и зборува. Благодарение на посветената работа на тимот на нашата клиника, досега, успешно хируршки вградивме најсовремени слушни помагала кај 78 пациенти, со што им овозможивме значително подобрување на квалитетот на нивниот живот“, вели проф. д-р Марина Давчева Чакар, раководителка на Одделот за аудиологија и отонеурологија на Клиниката за уво, нос и грло, која воедно и претседава со конгресот на експертите од оваа област што се одржува во Скопје.

„Од клучно значење за уште поголеми резултати во оваа област во нашата земја е раното откривање на пречките во слухот кај бебињата, за што е неопходно воведување на задолжителен неонатален скрининг, што е предуслов за навремена интервенција, затоа што вградувањето на имплант кај децата во рана возраст, значително ги зголемува шансите тие побрзо да слушаат и да го развијат говорот. Благодарение на големиот ентузијазам и ангажман на тимот за кохлеарни импланти и на раководството на Клиниката, како и покажаното разбирање од страна на Фондот за здравствено осигурување, оваа година за прв пат се одобрени и вградени 15 кохлеарни импланти“, потенцираше проф. д-р Давчева Чакар.

Трошоците за вградување на кохлеарните импланти, пост-оперативниот и периодот на рехабилитација кај децата кај кои се утврдува можност за ваков вид интервенција ги покрива Фондот за здравствено осигурување.

„Тимот од Клиниката за уво, нос и грло работи според најсовремените медицински протоколи во оваа област, а кај пациентите вградуваме технолошки најнапредни слушни импланти. Од огромна помош во нашата досегашна работа беше и стручната поддршка од искусни експерти од оваа област, последниве години од клиничките центри во Австрија, кои имаат долгогодишно искуство во извршување на ваков вид операции“, вели асс. д-р Марија Докоска, хирург во тимот за кохлеарни импланти на Клиниката за уво, нос и грло.

„Вградувањето на кохлеарните импланти е современа и безбедна хируршка постапка која е дури и помалку ризична отколку на пример, опeрацијата на крајници“, објаснува хирургот д-р Бесим Зекири, кој е дел од тимот на Клиниката за уво, нос и грло што ги изведува овие интервенции.

За д-р Тилман Кек, искусен ОРЛ хирург од Австрија, успехот на македонскиот тим кој работи на реализација на оваа Програма се должи на огромниот ентузијазам и желбата да им се овозможи на што поголем број деца да добијат шанса да слушаат. „За мене претставува голема чест, можноста  да работам со овој тим од клиниката во Скопје и со нив да ги споделам моето знаење и искуство. Ме радуваат резултатите што ги постигна оваа Програма и верувам дека постојат реални можности тие да се зголемуваат во иднина“, дециден е д-р Кек.

Експертите се согласни во оценката дека придобивките што ги носи оваа постапка во поглед на унапредување на квалитетот на животот и продуктивноста на пациентите, се далеку поголеми отколку трошоците за нејзиното извршување. Најновите истражувања покажуваат дека во земјава, трошоците на системот од намалената продуктивност поради губење на слухот надминуваат 2,3 милиони евра годишно, што е неколкукратно поголем износ од вкупните здравствени трошоци за третман на децата со оштетен слух.

„Македонија во изминатите неколку години постигна значаен напредок во спроведувањето на Програмата за вградување на кохлеарни импланти за слух. Во почетокот се вградуваа само по три кохлеарни импланти годишно, за сега овој број да достигне до 15 кохлеарни импланти годишно. Тоа е голем чекор напред, но не треба да преставува и крај на патот кој води кон целосен успех на мисијата за елиминирање на загубата на слухот како бариера за комуникација. Во моментов науката овозможува сите деца и возрасни на кои им е потребен имплант за слух да го добијат, при што особено е важно да се вградат кохлеарни импланти и на обете уши со што ќе се постигне најдобар квалитет. Можам слободно да кажам дека, благодарение на нашите технолошки иновации, сите деца и возрасни со пречки во слухот, можат да добијат соодветна помош“, изјави Евалд Турнер, претставник на австриската компанија MED-EL, водечки провајдер на системи и импланти за слух во светот.

За пациентите, вградувањето на импланти за слух дефинитивно отвора нови перспективи и значително го подобрува квалитетот на животот. „Вградувањето на имплант уште од рана возраст ми овозможи одлично да го користам слухот и да комуницирам со околината без никакви пречки. На одреден начин, оваа напредна технологија влијаеше на мене да се одлучам да ја изучувам медицинската наука, со што ќе можам понатаму и јас да им помагам на луѓето“, вели 19-годишната Катерина Мутовиќ, ученичка во средното медицинско училиште во Скопје. „Среќни сме и многу благодарни што на нашето дете му беше овозможено да го користи слухот преку оваа напредна медицинска технологија, како и од најрана возраст правилно да го развие говорот, да комуницира и да има безгрижно детство“, вели Билјана Јанчевска, мајка на 3-годишниот Александар, на кој успешно му е вграден кохлеарен имплант на десното уво.