December 1, 2022 17:58
Свет

Нагло скокната продажбата на антидепресиви во Русија по прогласувањето на мобилизација

Продажбата на антидепресиви во аптеките во Русија скокна откако претседателот Владимир Путин донесе одлука за делумна мобилизација за војната во Украина, објави државната новинска агенција.

Продажбата скокна за 120 отсто од 19 до 25 септември, објави новинската агенција ТАСС, цитирајќи податоци од истражувачот на фармацевтскиот пазар ДСМ. На 21 септември Путин нареди делумна мобилизација на 300.000 резервисти.

Шефот на Сојузот на фармацевтски здруженија, Викторија Пресњакова, изјави за државната агенција дека од почетокот на војната во Русија на крајот на февруари, побарувачката за антидепресиви, апчиња за спиење и средства за смирување е значително зголемена во споредба со претходните години.

Таа тоа го припиша на „геополитичката и економската ситуација“. Според неа, има многу пациенти на кои првпат им се препишуваат вакви лекови.

Таа посочи дека населението купува и лекови без рецепт се со цел да се смират граѓаните. Многу лекови за кои е потребен рецепт на друго место во Европа може лесно да се купат во аптеките во Русија.