September 23, 2019 07:25
Македонија

Навреди и закани или инсистирање на одговорност

Во јавноста продолжија реакциите за завчерашната изјава на премиерот Зоран Заев за случајот „Рекет” со критики дека ги навредил и им упатил закани на ЛГБТ заедницата и новинарите, со барања за јавно извинување, одговорност, внимавање што зборува, потсетувања на правилата за говорот на функционерите, прогнози за неговата политичка кариера.

По првичното извинување и дообјаснување на Твитер, Заев вчера во интервју за МИА изрази жалење доколку бил погрешно разбран или протолкуван, но ја повтори пораката дека мора да има одговорност на сите инволвирани во случајот, потенцирајќи дека нема да дозволи криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјата.

Потсетува дека прв го пријавил случајот и очекува темелна, многу прецизна, брза и независна истрага.

– Потсетувам дека прв го пријавив случајот, и во тоа својство, и како граѓанин и како премиер имам целосно право да барам сите замешани во случајот кои прекршиле закон да си одговараат со соодветни казни, во транспарентна правосудна постапка. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сè да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви”, изјави Заев за МИА.

За квалификациите „криминалци, педери, суетни и идиоти”, Заев вели дека тој и Владата цврсто стојат на определбата за одбрана на слободата на изразувањето, слободата на медиумите и во одбрана на човековите права на сите, вклучително и ЛГБТИ заедницата.

– Во Северна Македонија нема веќе напади врз ЛГБТ лица, се одржа слободна и безбедна парада, а сексуалната определба е вклучена во измените на новиот Закон за антидискриминација, за кој опозицијата гласаше против, изјави Заев.

Со реакција вчера се огласи и Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, од каде побараа Заев да се извини и да работи на унапредување на правата на ЛГБТИ. Оттаму наведоа и дека ЛГБТИ заедницата во премиерот и во партијата што ја предводи гледала и сѐ уште гледа сојузник. Оценија дека за нивните права се остварени клучни чекори и оти имало и пропусти и се соочуваат со проблеми, а ваквите изјави на политичарите, потенцираа, не помагаат за нивно решавање.

Според Советот за етика во медиумите (СЕММ), изјавата на Заев е недолична и несоодветна од носител на јавна функција. – Улогата на власта во демократијата во ниеден случај не смее да значи нивно мешање во работата на новинарите, а ваквите изјави може да се сметаат за отворен притисок и обид за јавна дискредитација на професијата, од која се очекува да даде одговор на прашања од интерес на јавноста, смета СЕМММ.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, пак, во осуда на изјавата оцени дека во неа премиерот покажал голема доза на нетрпеливост кон неименуван новинар нарекувајќи го „суетен”. ССНМ смета дека кога вакви, во најмала рака непримерни изјави насочени кон новинарите и медиумските работници, доаѓаат од највисоките државни функционери, може да се толкуваат, перцепираат и прифатат од дел од јавноста како отворање фронт кон новинарите, загрозување на нивната безбедност и ограничување на слободата на печатот и затоа бара од премиерот Заев да се извини.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во продолжение на критките за изјавата порача дека новинарите кои пишуваат за криминали не се суетни и не смеат да подлегнат на притисоци и закани, а владејачката СДСМ  одговори дека нема поголемо лицемерие од тоа опозициската партија да зборува за состојбата во новинарството  бидејќи токму таа, како што наведе, е симбол за цензура, за уцени, притисоци и закани кон медиуми и новинари.

Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, пак, порача дека институциите, од доаѓањето на оваа влада, не служат како алатка за репресија кон новинарите. 

– Немаме никакви проблеми во однос на слободата на изразување. Апсолутно, кога се однесува за нешто, каде што некој новинар вели дека имал докази и притоа истите докази не ги пријавил во обвинителството. Туку, наместо да ги пријави, за лична корист, сакајќи да привлече внимание спрема себе, злоупотребува луѓе, објавувајќи некакви колумни. Веројатно, во таа смисла, беа искажани и зборовите ‘суетен новинар’, појасни Костадинов.

По вчерашната изјава на Заев, како што рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, само уште еднаш се потврдило дека зад притворените во „Рекет” стојат челните лица на СДСМ и Владата и затоа се потребни предвремени парламентарни избори.

– Ја осудуваме неговата изјава и му порачуваме да прекине да се заканува кон новинарите и медиумите, да прекине да врши притисок врз граѓаните да бидат слепи на неговиот криминал и да си даде оставка што побрзо, затоа што неговиот кредибилитет во моментов е помалку и од нулата. Никој повеќе не го сфаќа сериозно, рече Арсовски.

Претходно, реакции со осуди, барања за извинување и укажувања упатија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Здружението на новинарите на Македонија и Македонската асоцијација на новинари (МАН).

Нови вести

КОД ТЕЛМА: И судии и адвокати спомнати во исказите за рекетот, може да завршат на распит кај Русковска

Filip

Јанева добивала 105.000 денари плата и уште толкав бонус?

Filip

Република Северна Македонија се подготвува за полноправно членство во НАТО: Зајакнати капацитетите на Работниот комитет за интеграција во НАТО за преземање на обврските од полноправното членство

Filip