December 1, 2021 14:11
Свет

Мјанмар ќе ослободи повеќе од 5.600 лица уапсени поради протестите

Мјанмар ќе ослободи од затвор повеќе од 5.636 лица уапсени поради нивната улога во протестите против владејачката хунта, јави денеска државната телевизија, преку која водачот на хунтата, генерал Мин Аунг Хлаинг, изјави дека владата работи за мир и обнова на демократијата.

Амнестијата е одлучена поради хуманитарни причини, се вели во соопштението во кое илегалните опозициски групи се обвинуваат за поттикнување на немирите.

Шефот на воената хунта во Мјанмар и извршителот на превратот, Мин Аунг Хлаинг, ја бранеше улогата на неговата воена влада, за која вели дека се обидува да воспостави ред и мир, и ја обвини опозицијата за насилство.

– АСЕАН треба да го знае ова, рече генералот како одговор на одлуката на Алијансата на земјите од Југоисточна Азија да го исклучат од списокот на учесници на самитот што ќе се одржи следната недела.

Во телевизиско обраќање, водачот на државниот удар повтори дека хунтата презема чекори во процесот за враќање на демократијата, но за некои од барањата на специјалниот пратеник на АСЕАН не може да се преговара.