November 19, 2019 22:36
Македонија

Мултиетничка криза во државата Аверна, офицери на АРМ домаќини на тимот за воспоставување на мирот

Во државата Аверна, која е мултиетничка, се случува конфликт меѓу повеќе етнички заедници. Во Конфедерацијата која се распаѓа, се случува криза на национална основа. Малцинство во државата формира паравоена формација да се отцепи, да формира паравоена држава, а сето тоа е поддржано од источниот сосед. Постигнат е одреден мир, но фракции на паравоените формации не го почитуваат и ги напаѓаат хуманитарните конвои и силите за мир.

Ова е дел од проблемот, во сценарио, кој во понеделник, штабни офицери и команданти на единици од 17 армии меѓу кои и од Армијата на Република Северна Македонија, во касарна „Алексо Демниевски Бауман” во Велес, ќе се обидат да го решат на најдобар можен начин и без жртви, преку најголемата компјутерски асистирана тактичка вежба во нашата земја „REGEX 19″. Во армиите учеснички, три се земји членки на НАТО.

Ова сценарио предвидува одржување мир во кризен момент на една држава, слично на мисиите во Авганистан. Офицерите во вежбата ќе користат реална карта од нашата земја која го опфаќа северо-источниот дел односно градовите Штип,  Делчево, Крива Паланка и Скопје.

-Се случува криза, раселени лица. Обединетите нации ОН, во сценариото -МОНА (Мисија на Обединетите нации во Аверна),  носат резолуција каде  што испраќаат сини шлемови и хуманитарна помош, но кризата продолжува каде има напади врз силите на ОН и на хуманитарите конвои, и со тоа НАТО добива мандат формира Мултинационални сили за задача во Аверна (AFOR)  под единствена команда, a кои ќе имаат за цел да влезат на терен и ќе воспостават мир. Тие имаат задача да ги седнат на маса армијата на земјата и бунтовниците каде се постигнува договор за прекин на огнот. Но и на вежбата како и во реални ситуации има фракции од паравојските кои не го почитуваат договорот. Бригадата има задаача да се справи со бунтовниците кои не го почитуваат мирот и напаѓаат конвои. Бригадата која е мултинационална со своите единици го запоседнува североисточниот дел и го контролираат мирот. Разликата со реалната ситуација со оваа е тоа што преку софтверот JCATS кој е за симулација, имаат можност реално да донесат одлука и да ги праќаат војниците во патрола, претрес. Командата на мултинационалната бригада, единицата со која се работи на симулациската платформа JCATS, според сценариото се наоѓа во фаза кога мирот е веќе воспоставен и има мисија да го одржи мирот и безбедноста преку извршување на редовни задачи како: патролирање, обезбедување конвои, обезбедување објекти, поставување набљудувачници, поставување контролни точки, како и заштита на сопствените сили. Во текот на изведување на наведените задачи, единиците на бригадата преку инциденти во симулациската програма JCATS ќе проигруваат нарушени безбедносни ситуации како: наидување на импровизирана експлозивна направа, справување со бомбаш самоубиец, напад на патрола, напад на база, напад на хуманиртарен конвој обезбедуван од единици од бригадата и сл.., појаснуваат организаторите на вежбата.

Целта на вежбата е да се обучат и менторираат планери на вежби од земјата домаќин и партнерите на НАТО за планирање, организирање и реализирање на меѓународна вежба на бригадно ниво согласно НАТО стандардите и процедурите.

-Оваа конструктивна симулација има цел да овозможи реално војување на ниво на штаб, без да се има потреба од ангажирање на потчинети единици. Ако во реалност би требало да се ангажираат 300 до 800 луѓе за да се извежбаат активностите на еден штаб и процесот на донесување на воени одлуки, со оваа симулација потребен е само штабот и десетина оператори кои што би ги симулирале компјутерски трупите на терен. Ова значително заштедува на средства и ресурси за војување, затоа што реално не е испукан ниту еден куршум, не е ангажирана ниту една борбена единица, а потрошена е само електрична енергија. Дополнително, оваа симулација овозможува вежбите да се извежбуваат на неограничен број начини и неограничен број повторувања. Нивното мото е „овде грешки се дозволени” затоа што од тие грешки никој нема да настрада, напротив, ќе се добијат само научени лекции и добро обучен команден кадар. Конечно, модерното војување константно побарува промени и модернизирање на доктрините и тактиките на војување. Оваа платформа нуди отворен простор за тестирање на тие промени, предвидување на ситуации кои вообичаено се непревидливи и дознавање резултат од определена ситуација, без таквата ситуација да биде реалност, информираат од Армијата.

Програмата за Здружен конфликт и тактичка симулација (Joint Conflict and Tactical Simulation Enhancements – JCATS) e конструктивна симулација на бојното време при евентуален конфликт. Оваа софтверска програма е достапна уште од осумдесетите години на минатиот век и се користи за моделирање и симулирање реални ситуации во време на конфликт, безбедносни кризи, природни непогоди и е корисна за проверка на можните исходи и резултати кои би настанале во време на кризна состојба. На почетокот системот е воведен во армијата на САД, а подоцна го преземаат многу армии на останатите држави во светот. Системот во текот на своето постоење постојано се надградува и надополнува и во поново време можат да го користат и други државни институции во чиј фокус меѓудругото е и безбедноста. Нашата армија оваа програма ја користи од почетокот на 2017 година.

Учесниците на вежбата, како што велат организаторите,  ќе ја подобрат интероперабилноста при работа во штаб на мултинационалната бригада преку извежбување на командувањето и контролата. Офицерите ќе извежбуваат комуникација со медиуми, блиска соработка, координација и врска помеѓу националните и локалните власти, како и со меѓународни, владини и невладини организации  како и ќе ги подобрат веѓтините при употреба на најнови техничко/технолошки средства како што се беспилотни летала, сајбер одбрана и др.

Процесот на планирање на вежбата е менториран од пет земји членки на НАТО, кој започна во септември минатата година,  а од почетокот на планирање до реализација на вежбата  реализирани се седум  НАТО и шест национални работилници. Вкупниот персонал кој ќе учествува во извршна фаза на вежбата ќе надмине над 220 лица.

НАТО земјите членки Грција, Франција и Шпанија се дел од Здружената команда за операции во Неаопол и во оваа вежба ја имаат улогата на ментори и надгледувачи на процесот на планирање и реализација на вежбата во согласност со Директивата за колективна обука и вежби. Земји учеснички на вежбата „REGEX 19″ се Азербејџан, Алжир, Африканска Унија (претставник од Република Уганда), Босна и Херцеговина, Грузија, Египет, Јордан, Колумбија, Мароко, Молдавија, Обединети Арапски Емирати, Србија и Украина.

На претходните REGEX од 2014 година во Турција,  2015 – Грција,  2016 – Босна и Херцеговина,  2017 – Јордан и  Србија минатата година, учествувале од 12 до 20 земји учеснички. Распонот на учесници се движи од земји членки на НАТО, членки на PartnershipforPeace – PfP,  Медитеранскиот дијалог (MediterraneanDialogue – MD) Истанбулската иницијатива (IstanbulCooperationInitiative – ICI), како и партнерски земји на НАТО во светот (partnersacrosstheglobe – PatG).  До сега на овие претходни пет вежби е поставен висок стандард во однос на организацијата на овој серијал. Во текот на реализацијата на вежбите на тест се ставаат националните симулациски центри и нивните капацитети за реализација на компјутерски симулирана вежба, која ќе го потврди процесот на планирање како и оспособеноста на армиите тестирање на различни сценарија, во согласност со тековните безбедносни предизвици

Нови вести

Хрватска го поддржува писмото за Северна Македонија, но нема да го потпише

Filip

Каевски на трибина во Ресен: Наскоро завршува реконструкцијата на спортската сала, следува и изградба на ново игралиште

Filip

Премиерот Заев и министерката за финансии Ангеловска со новинари од повеќе медиуми: Буџетот е ликвиден и реален, израз на крупните политики и храбри одлуки

Filip