February 18, 2020 22:32
Македонија

МСП: Вработените во МВР да останат имуни на влијанијата од дневно-политички карактер

Македонскиот Полициски Синдикат како репрезентативна синдикална и професионална асоцијација во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е насочена кон унапредување на полициската професија, како специфична и, пред сè, крајно одговорна, како и кон заштита на правата и интересите на своето членство во насока на квалитетно и ефикасно функционирање на Министерството за внатрешни работи, бидејќи од тоа зависи и степенот, односно квалитетот на личната и правна сигурност и безбедност на сите граѓани, и на државата, во целост.

Акцентирањето на овој сегмент е особено важно периодов, бидејќи претставува основата за спроведување на фер, слободни и демократски избори, што е главна цел заради што во моментов е формирана и работи техничката Влада во Република Северна Македонија.

Како синдикат секогаш ќе бидеме на страната на полициските службеници кои чесно и професионално ги извршуваат своите работни задачи, па затоа би сакале да апелираме до сите вработени во МВР да останат имуни на влијанијата од дневно-политички карактер и да бидат доследни на целосно операционализирање на законитоста и законите, како алфа и омега на полициското работење.

Оттука, потсетуваме дека важечки правен акт донесен во законска процедура од страна на Владата, како што е Одлуката на Владата на РСМ бр.44-1358/1 од 09.02.2020, објавена во „Службен весник на РСМ“ бр.30/2020 од 09.02.2020 година, не смее да не биде почитуван. Впрочем, и согласно Полицискиот кодекс, припадникот на полицијата, без да стравува од санкции мора да се воздржи од извршување на незаконски наредби кои претставуваат извршување на кривично дело. Сите незадоволни страни, пак, можат да поведат постапка согласно законските процедури пред институциите и ние, како синдикат, им стоиме на располагање.

 

Време е заеднички да застанеме во заштита на угледот на вработените во Министерството за внатрешни работи и самото Министерство и на тој начин да придонесеме граѓаните да ја прифатат полицијата како сервис на граѓаните. Професија која ќе биде главниот постулат во Република Северна Македонија кој ја гарантира државноста, сигурноста и безбедноста во државата и во исто време, полиција – пријател и заштитник на граѓаните.

Затоа, уште еднаш ги повикуваме сите раководни структури во МВР на сериозност и професионалност и невмешување на Министерството во дневно политички настани, а вработените во МВР ги охрабруваме секој притисок и закани по било кој основ да го пријавуваат кај нас, а сѐ со цел навремено постапување и превземање на мерки за заштита на нивните права.