November 29, 2022 04:45
Македонија

МО: Отворена е истрага за случајот со кражбата во одделението за одбрана, кривична одговорност ќе има за сторителите, но и за организаторот и поттикнувачот

Министерството за одбрана како и досега професионално и одговорно ги извршува своите задачи и транспарентно известува за сите случувања. За случајот со кражбата во одделението за одбрана кое е привремено сместено во просториите на Јавно претпријатие, отворена е истрага од релевантните надлежни организациони единици во Министерството за одбрана кои во соработка со МВР треба да ја завршат оваа постапка.

Ова е реакцијата од Министерството за одбрана во врска со изјавата на Драган Ковачки од ВМРО – ДПМНЕ за украдени класифицирани документи и за украдени компјутери на кои имало строго доверливи документи.

МО информира дека не станува збор за документи кои можат да наштетат на виталните интереси на државата, бидејќи, се подвлекува во реакцијата, такви документи нема во компјутерите на подрачните одделенија за одбрана.

– Во однос на обвинувањата на политичката партија претставена од поранешниот припадник на Армијата а сега пратеник Ковачки, информираме дека кривична одговорност ќе има и за сторителите, но и за организаторот и поттикнувачот на овој криминал. Во однос на тоа со каков степен на класификација се документите никој не може да зборува пред да се заврши истрагата, се појаснува во реакцијата од МО.

Од МО го повикуваат пратеникот Ковачки да се воздржи од, како што стои во реакцијата, ширење дезинформации и да ги прочита законските прописи кои изминатиот период покажа дека не му се јака страна.