September 26, 2020 16:37
Македонија

Молкот на Мицкоски отвара сомнеж и за злоупотреба на парите кои доаѓаат од буџетот на државата

Интегрален текст од соопштение на Иницијативен одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ

„Интернет порталот indigo.mk , последната вест ја објавил за време на изборите. Од тогаш нема нови објави. Фан страната има вкупно два лајка, а последната вест на фан страната „Придобивки од кокСовото масло” (со печатна грешка)  е постирана во отомври 2019 година.

На ваков портал сеуште актуелниот претседател Христијан Мицкоски решава да му префрли висока сума на пари за политичко рекламирање.
Страната visitskopje.mk e интернет портал на англиски јазик, наменет за информирање на туристи кои имаат намера или пак веќе одлучиле да го посетат Скопје. Тие не може да гласаат, но Мицкоски одлучил да префрли пари и тука да ја „рекламира” својата политичка понуда. Логиката веројатно ја знае само тој.
Слична е приказната и со останатите портали каде што Мицкоски како претседател и шеф на републичкиот изборен штаб, одлучил да префрли десетици илјади евра. Ниеден од нив не објавува вести поврзани со политика, па не е јасно која е таргет групата на која што сакал да и пристапи.
Молкот на Мицкоски во врска со овој скандал само потврдува дека тој не е достоен да биде Претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Молкот на Мицкоски потврдува дека тој е фатен жив.
Молкот потврдува дека неговата цел на изборите не била ВМРО-ДПМНЕ да победи , туку да му биде спаринг партнер на Заев. Само на тој начин може да се објасни стратегијата, партијата да склучува фактури за реклами со портали кои никој не ги знае дека постојат.
Конечно, молкот на Мицкоски покажува дека тој не ги почитува членовите на ВМРО-ДПМНЕ и не чувствува потреба јавно да им објасни зошто одлучил партијата да се рекламира токму на овие портали, а не на други. Сепак молкот на Мицкоски отвара сомнеж и за злоупотреба на парите кои доаѓаат од буџетот на државата. Дали некој се стекнал со противправна имотна корист, треба да потврдат институциите.
Време е Мицкоски да престане да ја узурпира функцијата и да ја ослободи партијата. Време е за вонреден конгрес и избор на ново раководство.“