February 2, 2023 22:38
Спорт

Модриќ: Бразил е фаворит, а ние многупати сме покажале дека фаворитите не победуваат секогаш

Капитенот на Хрватска, Лука Модриќ го коментираше претстојниот дуел против Бразил во четвртфиналето на Светското фудбалско првенство во Катар.

„Се претставивме одлично со пласманот во четврт-финалето. Сепак, сакаме повеќе. Знаеме дека нè очекува најважниот натпревар на турнирот против еден од фаворитите за титулата. Од досега прикажаното, заслужено се на оваа позиција. Мора да го одиграме нашиот најдобар натпревар и ќе имаме шанси. Ние веруваме во нашите можности“, изјави Модриќ.

Играчот од средниот ред зборуваше за неговиот соиграч од Реал Мадрид, Винисуис Жуниор, против кого ќе се соочи на теренот.

„Убаво е да се слушнат неговите пофалби. Тој е одлично момче и имаме одлична врска. Тој се разви многу од неговото доаѓање во Реал. Ќе им дадам совет на соиграчите како да го спречат, но тие се запознаени со неговите квалитети. Сум играл против Бразил неколку пати и се уште не сме го победиле. Се надевам дека можеме да го промениме тоа. Бразил има феноменални играчи на секоја позиција, едни од најдобрите во светот. Мораме да бидеме многу агресивни, да не им дозволиме да играат. Многу е важно кога топката не е во наш посед да бидеме агресивни. Нормално е да го дефинираат Бразил како фаворит, но многупати сме покажале дека фаворитите не победуваат секогаш. Тоа воопшто не ни пречи. Го почитуваме секој тим, но веруваме во нашите сили“, изјави Модриќ.