January 24, 2021 00:04
Македонија

МНР за посетата на Османи на Атина: Реафирмиран процесот на градење доверба меѓу двете земји како пример за добрососедски односи во регионот

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во рамките на официјалната посета на Грција се сретна со претседателката Катерина Сакеларопулу, премиерот Кирјакос Мицотакис и со алтернативниот министер за европски прашања, Милтијадис Варвициотис.

МНР соопшти дека разговорите беа насочени кон динамизирање на севкупните односи меѓу двете земји преку посветена имплементација на Договорот за стратешко партнерство (Преспа), со цел развивање и зајакнување на заедничкото стратешко партнерство.

– Само со заеднички напори можеме стратешко партнерство да го претвориме во долгорочно и стабилно пријателство, што како земји – соседи со сигурност ќе донесе подобар живот за граѓаните на двете земји. Во регионот добивме нова реалност, докажавме дека сите предизвици можат ефикасно да се решат преку заеднички и координирани напори. Оттука, јас цврсто верувам дека соработката меѓу Северна Македонија и  Грција е дефинитивно нова интегративна моќ за целиот регион, истакна Османи.

На средбите беше нагласен и досегашниот активен ангажман на Грција во делот на европските интеграции на Северна Македонија, при што, наведува МНР, беше потенцирано дека земјата остануваа наш доследен поддржувач, еден од главните лобисти и промотори во овој процес, што е од интерес за двете држави, но и од клучно значење за целиот регион.

– Не смее да биде загрозена европската перспектива на земјите од Западниот Балкан. Сите мора да вложиме во развојот на добрососедските односи, да ја засилиме регионалната соработка и да ја зачуваме европската иднина на регионот. Само преку рушење на стереотипите од минатото и создавање стабилни пријателства ќе обезбедиме просперитетна иднина за нашите граѓани, заклучи Османи.

Министерството за надворешни работи посочува дека Османи имаше успешна официјална посета на Грција, со набиена и амбициозна агенда, на која беа реафирмирани заложбите за интензивирање и продлабочување на блиската соработка и реафирмација на процесот на градење доверба меѓу двете земји како пример за добрососедски односи во регионот.