January 29, 2023 13:24
Спорт

Млади македонски кошаркарски тренери на едукација во Истанбул

Во изминатите неколку дена, четири македонски тренери: Тео Митевски, Дамјан Саздов, Ера Пајазити и Пепа Ташева, на покана на Турската кошаркарска федерација поминаа една специфична тренерска „мини-обука” во Истанбул.

Како гости на националната федерација на Турција, младите тренери носат особено важни импресии, потребни во нивната работа со млади кошаркар(к)и.

– Станува збор за своевидна обука за тренери кои работат со млади категории на играчи. Првиот ден од престојот го посетивме националниот тренажен камп на Турција, потоа бевме гости и на нашите домаќини од турската кошаркарска федерација, каде се запознавме со начинот на функционирање на една од најголемите федерации не само во Европа, туку и во светот. Освен тоа бевме и во посета на некои клубови кои имаат навистина сериозни програми за работа со млади категории на кошаркари, вклучително и Фенербахче, односно Анадолу Ефес, каде исто така го следевме начинот на функционирање во така големи клубови. Се запознавме со условите во кои работат такви величини во европската и светска кошарка, а освен тоа, благодарение на љубезните домаќини, бевме сведоци и на еден натпревар од турскиот плејоф, изјави Дамјан Саздов, инаку дел од стручниот тим на Феникс 2010 од Скопје.