December 2, 2022 10:57
Општини

Младите од Мождивњак ќе добијат повеќенаменско игралиште

Општина Крива Паланка започна со постапка на проектирање и изведба на повеќенаменско игралиште во населеното место Дубје во селото Мождивњак, со што ќе се подобрат условите за спорт и рекреација на младите.

-Работиме интензивно во координација со надлежните национални институции од областа на спортот, пред сѐ со Агенцијата за млади и спорт за подобрување и унапредување на условите за спорт и рекреација на младите. Во таа насока, обезбедени се финасиски средства за реализација на проектот за повеќенаменско игралиште во местото викано Дубје во селото Мождивњак. Средствата се обезбедени со одлука на Владата на РС Македонија, а со планирањето и реализацијата на проекти од овој тип, Општина Крива Паланка продолжува да ја подобрува спортската инфраструктура во сите населени места, со што се овозможи спортот да биде достапен поеднакво секому и секаде, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Неодамна беше одобрен и проект преку АМС за изградба на фитнес зона на отворениот спортски комплекс во Крива Паланка, а локалната самоуправа заедно со јавното претпријатие „Комуналец” вложи средства за обнова на дел од дотраените и оштетени сегменти во спортската сала „Бранители 2001″, каде е заменета дел од ПВЦ столаријата, во тек е набавка на нова опрема за осветлување, а преку Агенцијата за спорт и млади во текот на следната година се очекува да се реши затоплувањето на овој спортски објект.