February 2, 2023 22:25
Македонија

Мијалков и Тачи добија по две години затвор за „Титаник 2“

Основниот Кривичен суд – Скопје денеска ја објави пресудата за случајот „Титаник 2″, предмет што се однесува на изборни нерегуларности во 2013 година за кои се обвинети поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешни членови на Државната изборна комисија.

Мијалков и Тачи добија по две години затвор, а исто толку и членовите на ДИК, Бедредин Ибраими две години, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска, а во казната им се пресметува и времето помнато во притвор.

Мијалков, кој е во затвор, како и Тачи не присуствуваа на читањето на пресудата.

Според обвинението, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

Ова e втора првостепена пресуда за „Титаник 2″, откако Кривичниот суд во 2019 година ги осуди обвинетите, но во декември истата година, Апелациониот суд поради суштествени повреди на постапката ја укина пресудата и случајот го врати на повторно судење. Мијалков доби три години затвор, Тачи три години и два месеци, четири години и шест месеци доби Ибраими, а останатите членови на ДИК беа осудени на по три години.

Инаку, апсолутна застареност на ова дело настапува во април годинава.

Обвинителот Гаврил Бубевски во своите завршни зборови побара Мијалков, Тачи и поранешните членови на ДИК да бидат прогласени за виновни во случајот „Титаник 2″ и секој од обвинетите да одговара според степенот на кривичното дело.

Адвокатот на Мијалков, Миле Петровски побара неговиот клиент, како и другите обвинети да бидат ослободени од обвинение. Според него, нема никаков доказ дека Мијалков го сторил делото кое му се става на товар, а тврдењето дека тој го користел своето влијание е конструкција, а не факт потврден со докази.

Вториот бранител на Мијалков, Љупчо Шврговски, изјави дека очекувал Бубевски да го повлече обвинението, бидејќи, според него, обвинителот не треба да ја преиспитува работата на судиите.

Обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска негираа вина за изборни нерегуларности до 2013 година. Сите во своите завршни зборови посочија дека работеле стручно и непристрасно, а според нив, обвинителот Бубевски не докажал надвор од разумно сомневање дека тие навистина го сториле делото.

Поврзани вести

Улици затворени кај Кале – МВР подготвена во целост да го сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните (Фото)

admin

Греењето во Скопје ќе биде исто за сите- од 6 до 22 часот и внатрешна температура меѓу 20 и 21 степен

Valentina

Компјутери од Владата за училишта, Арсовска ги дели како донација од Град Скопје

admin