October 1, 2020 15:01
Свет

Мицотакис го поттикнал Хафтар на конференцијата во Берлин да заземе конструктивен став

Ситуацијата во Либија, стабилноста и безбедноста во поширокиот регион на Источниот Медитеран, меморандумите на Либија и Турција биле темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и лидерот на Либиската национална војска Халифа Хафтар на нивната денешна средба, според грчки владини извори, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис ја истакнал потребата да се изнајде политичко решение за либиската криза и го поттикнал Хафтар да заземе конструктивен став на конференцијата во недела во Берлин и потенцирал дека прекинот на огнот е неопходен прв чекор за враќање на безбедноста.

-Со лидерот на Либиската национална војска Халифа Хафтар разговаравме за ситуацијата во Либија. Многу е позитивен јасниот став на господинот Хафтар за невалидноста на меморандумот Сараџ – Турција и неговата заложба за демаркација на морските зони со Грција, напиша на „Твитер” грчкиот премиер, по средбата со Хафтар.

Лидерот на Либиската национална војска, според грчките владини извори, рекол дека и двата меморандуми Сараџ – Турција се невалидни, бидејќи тие се спротивни на меѓународното право, но исто така потпишани од владата која немаше правно овластување да го стори тоа.

Хафтар се осврнал и на контрапродуктивната улога која ја играат надворешните интервенции во неговата земја и оценил дека треба да се остави либискиот народ да одлучи за неговата иднина преку национален состанок, без исклучоци.

Пред средбата со грчкиот премие, лидерот на Либиската национална војска, кој доцна синоќа допатува во Атина, се сретна со министерот за надворешни работи на Грција.