August 12, 2020 23:55
Македонија

Мицкоски: Се пријавувам да бидам првиот кандидат за ветинг на македонската политичка сцена

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на собир во општина Центар вечерва порача дека правдата мора да завладее насекаде низ Македонија, во секој град на, како што кажа, овие 25.000 квадратни километри.

„Во нашата читанка ‘Обнова’ ќе го најдете она што е можеби најзначајно. А тоа е како да ја вратиме правната држава. Многу внимателно тим составен од врвни експерти, работеше во делот кој што ќе понуди реформи во правосудството. Правни експерти од Сиљановска-Давкова, Тања Каракамишева, Наумовски, Сашо Климовски, Менинковски и многу други кои дадоа се од себе за реформи во правосудството. Програма во која императив ќе биде почитување на законите во државата“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски се осврна и на тоа дека политичките опоненти во текот на кампањата дехидрирале од негативности кон него и ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние како власт ќе започнеме со она што најмногу ги боли нашите сограѓани. А тоа е да провериме дали ние политичарите тоа што го поседуваме сме го стекнале на законит начин или на грбот на граѓаните. Еве јас и моето семејство се пријавуваме први да бидеме дел од тој ветинг на политичарите на македонската политичка сцена. И тоа ќе го примениме во првите 6 месеци. А не да ја префрламе топката дека биле виновни судиите, обвинителите, администрацијата или народот“, кажа тој.

Мицкоски пред центарци порача и дека ова не се обични избори бидејќи, како што рече, ќе треба да ја детерминираат иднината на државата.

„Овие избори ќе ја одредат иднината на нашите семејства, на нашите потомци, но исто така и ќе треба после овие избори да ги направиме горди и нашите претци кои што со живот го платиле ова што денеска ние го живееме“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и повика граѓаните на 15 јули да го победат најголемиот противник на напредокот на државата.