April 21, 2021 01:10
Македонија

Мицкоски: Меѓународниот фактор да реагира и да ја спречат Владата во време на Ковид илјадници луѓе да влегуваат во приватни домови

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по денешната средба со здравствените работници, одговарајќи на новинарско прашање на тема попис истакна дека е скандал е што партиски луѓе ќе спроведуваат државен попис.

„Јас за ова предупредив уште пред неколку недели на едно мое интервју дека СДСМ и ДУИ ќе попишуваат и практично нивните партиски војници ќе треба да бидат платени со пари од граѓаните со дваесет и три-четири илјади денари колку се предвидени за попишувачите. И дека на тој начин практично ќе биде не само што недовербата сега постои, туку на тој начин таа недоверба ќе биде уште поголема во самиот процес. А, денеска посебно кога сме пред третиот бран од овој корона вирус, гледаме на дневна основа се зголемува бројот на лица кои што се инфицирани и уште повеќе се фрла недоверба однос сомнеж на самиот процес на попис“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека имајќи во предвид дека сите држави во околинава го одложија пописот, требаше да власта да биде барем малку паметна и да го одложи овој попис. Мицкоски исто така апелираше до меѓународната заедница да ја вразуми власта, бидејќи власта не ги слуша граѓаните и опозицијата.

„Апелирам и до меѓународната заедница нека ги вразуми овие бидејќи само нив ги слушаат, а не ги слушаат граѓаните, да го откажат пописот, да не ги доведуваат во опасност граѓаните дополнително затоа што ќе броиме мртви луѓе и ќе броиме луѓе со трауми што ја прележале оваа пандемија“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека за партиските војници јас го има најавено уште пред неколку дена, на овој начин сакаат да депонираат пари и да ги платат за тоа што нема кој да им работи на терен за локалните избори, и сега да направат какво такво мапирање, но тоа е политиканство, тоа нема никаква врска со реалноста.

„Замислете 35.000 попишувачи кои што треба да влезат во 500.000 домаќинства во рок од 20 дена, што ќе се случи? Не жариште, можете да замислите што ќе биде тоа. А, потоа следи Велигден, следи Рамазан“, појасни Мицкоски.