February 3, 2023 14:33
Македонија

Мицкоски и Јанчев извршија увид на градежните активности на повеќе проекти во Кавадарци

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со градоначалникот на општина Кавадарци Митко Јанчев во рамки на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот”, извршија увид на градежни активности на улицата „Мито Хаџи Василев Јасмин”.

Посетија четири од вкупно 24 проекти што се работат во моментов во Кавадарци.

Извршија увид на работите на улиците „Вишешница”, при што градоначалникот Јанчев појасни дека тоа е еден од најкрупните проекти што се реализира преку донација од КВФ германска банка со 2.5 милиони евра. Комплетна атмосферска, водоводна и канализациона мрежа.

– После 50 години, Кавадарци трајно ги решава атмосферските води и канализациските мрежи што имаа проблеми, соопшти Јанчев.

Додаде дека во Кавадарци секојдневно се гради, а вработените од „Комуналец” ќе добијат и 13 плата.

– Во февруари пуштивме петта мини хидроцентрала со 150 киловати електрична енергија производство на час и инсталиравме 200 киловати фотоволтаици. Е, тука се парите, тука се заштедите, тука е тоа што можеме да го направиме за добро на граѓаните, рече Јанчев.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ истакна дека Јанчев прави исклучителни работи.

– Еве овој капитален проект е значаен за Кавадарци, не само поради безбедноста, туку и поради прифаќањето на атмосферските води. Нема да се случуваат порои и немили настани како во минатото. Вака успешно да се работи, да се продолжи и понатаму, дури и уште позасилено во периодот што следи. Со формирањето на новата Влада што ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ,  ќе реализираме уште повеќе проекти, нагласи Мицкоски.

На новинарско прашање за најавата за издавање општински обврзници, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ информира дека тие обврзници се веќе во фаза во неколку општини.

– Тоа ќе ја раздвижи и ликвидноста на самата берза, бидејќи ќе има голем интерес и од граѓаните. Навистина и условите се исклучително квалитетни. Тоа е уште еден извор на дополнителни финансии за да може да се реализира ветеното во кампањата, односно да се подобри квалитетот на животот на граѓаните што е наша основна цел како народна партија, појасни тој.

Општина Аеродром, најави Мицкоски, првпат ќе изведе т.н. еколошка зелена обврзница, односно средствата ќе ги потроши за проекти што ќе ја подобрат енергетската ефикасност на јавните објекти со кои раководи општината.  раководи.

– ВМРО-ДПМНЕ секогаш била партија која што иновирала, така и сега во овие тешки услови кога Владата со сите средства гледа да ги опструира општините, да им наштети, да го закочи нивниот развој казнувајќи ги граѓаните зошто не ги гласала кандидатите на СДСМ, ние сепак наоѓаме начин да се справиме со сето тоа и да успееме да реализираме проекти, дециден беше тој.

Мицкоски потсети дека на отчетот беше спомената реализација на капитални проекти поголеми од седум милијарди денари.

– Тоа е многу повеќе од тоа што го има Владата целосно реализирано со државниот буџет. Зборувам како гринфилд, не зборувам како средства што ни ги книжат како капитални инвестиции бидејќи 70-80 проценти – консултантски договори и слично. Така што, продолжуваме да го реализираме ветеното да покажеме разлика и колку побргу се охрабрат наместо да настапуваат како комичари да се охрабрат да излезат на избори, рече Мицкоски.

Мицкоски е презадоволен од работата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и е убеден дека така ќе продолжат и ќе покажат една разлика дека, како што рече, не се сите исти.

– Ние се трудиме да покажеме дека можело поинаку и дека има надеж, дека Македонија може да оди напред. Тоа е суштината на оваа генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ. И јас сум убеден дека ќе успееме во нашата цел да покажеме дека навистина Македонија има можности, има луѓе, има капацитет да оди напред наместо да назадува како што е сега, изјави Мицкоски.

Според Јанчев, ВМРО-ДПМНЕ е отчетна и народна партија.