October 30, 2020 16:43
Македонија

Мицевски: СДСМ пред избори ветуваше се и сешто, но добивме поскапа струја и продадена македонска историја

Вечерва во емисијата „Топ тема“ гостуваше Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“. При своето гостување посочи дека доколку не се седне да се разговара за црвените линии на македонска страна, Македонија ќе има голем проблем со Бугарија.

„Ова е тоа за што зборувавме уште во моментов на потпишување на договорот за добрососедство. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ едноставно бараше да не се брза, да се стави црвена линија под која што македонското прашање нема да се доведе во опасност. И потпишување на договорот ќе биде усогласено и од власта и од опозицијата за да не дојдеме во ситуација во која што сега се наоѓаме“, истакна Мицевски.

Мицевски додаде дека власта убедуваше дека со договорот за добрососедство се решени сите проблеми, дека се надминуваат проблемите, но Зоран Заев со една цел да се прикаже дека ги решава регионално проблемите го потпиша договорот не мислејќи на последиците со кои што сега се соочуваме како држава.

„Власта смета дека во моментот, а и така функционира дека политиката на свиткана кичма без суштинска работа и резултат го зголемува апетитот на оние кои што имаат други аспирации кон Република Македонија. И доколку навистина не заземеме став, не ја вклучиме експертската јавност, навистина оставаме да се решава во тесни кругови. Каде што е можно секое сценарио па дури и тргување со ова прашање како што и претходно имаше некои тргувања“, рече Мицевски.

Мицевски посочи дека победата на СДСМ е пирова. Само СДСМ може се и сешто да ветува на граѓаните пред избори, и на крај ништо да не исполни.

„Зголемувањето на цената на струјата носи на годишно ниво 20 милиони евра профит за фирмите кои што работат со електрична енергија. Во ситуација на пандемија, во ситуација кога граѓаните не можат крај со крај да врзат, во ситуација кога имаме 40.000 ново невработени, во ситуација кога сериозни средни и мали претпријатија се на работ на егзистенција, власта се дрзна да ја зголеми цената на струјата“, нагласи Мицевски.

Мицевски рече дека ова што го направи власта е многу несериозна работа.

„Марко Бислимоски официјално е член на СДСМ. Тој е прв човек на РКЕ. Каде што согласно законот на енергетика е забрането да бидат партиски функционери или луѓе кои што работеле. Поради тоа ние како ВМРО-ДПМНЕ нема да застанеме и ќе продолжиме да се бориме за интересот на граѓаните, и ќе продолжиме и со други протести во интерес на граѓаните“, рече Мицевски.